top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Концерт на Марина Николовска, Маја Чанаќевиќ и Владимир Лазаревски во КИЦ на Македонија во Софија

На 17 ноември 2023, со почеток од 18.30 часот, во галеријата на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија, ќе се одржи концертот на дувачкото трио, составено од македонските музичари Владимир Лазаревски (обоа), Марина Николовска (обоа) и Маја Чанаќевиќ (англиски рог).

Дувачкото трио, составено од две обои и англиски рог, е камерен состав чии членови потекнуваат од оркестарот на Македонската филхармонија во Скопје. Интересен е составот на ова трио бидејќи се работи за инструменти од ист род, кои во континуитет настапуваат како хомогена група во рамките на симфониската музика. Членовите на ова трио соработуваат со години и досега реализирале многубројни концерти токму во ваков состав.

Владимир, Марина и Маја се инструменталисти што го негуваат камерното музицирање и настапуваат и како солисти во разни други ансамбли.

Програмата на концертот е поделена во два дела, музички но и стилски. Во првиот дел од концертот се потенцира на негувањето на класичниот звук на камерното музицирање, а во вториот дел, преку разните танци, публиката ќе има можност да прошета во разни делови од светот.

Марина Николовска е родена во 1984 година во Кавадарци, каде што го завршува нижото музичко образование на отсекот флејта, во класата на професор Силвана Чулева-Атанасова. Средното музичко училиште го завршува во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје, на отсекот обоа, во класата на професор Гордана Јосифова-Неделковска. Во 2007 година дипломира на Факултетот за музичка уметност во класата на истиот професор со највисока оцена Cum Laude. Магистрира кај истиот професор во 2011 година.

Од 2005 година Марина Николовска е член на симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија, со кој има остварно огромен број концерти со врвни уметнички имиња. Воедно, таа е член и на No Borders Orchestra, составен од реномирани музичари од поранешните југословенски простори. Настапувала и со Балканскиот камерен оркестар. Од 2013 година е член на балканскиот секстет ProArte, составен од музичари од Македонија, Албанија и од Косово, со кој оствариле концерти во Македонија и странство.

Марина Николовска учествувала на повеќе натпревари и е добитник на повеќе награди.

Настапувала како солист со Македонската филхармонија во 2002, 2005, 2006, 2007 и во 2010 година. Во 2011 година настапила како солист со оркестарот на Факултетот за музичка уметност.

Маја Чанаќевиќ оформува музичкото образование во Скопје, каде што дипломира во класата на проф. Гордана Јосифова-Неделковска. Веднаш по дипломирањето ги завршила и постдипломските студии по културен менаџмент, а магистрирала и во обласата на музичката уметност во класата на проф. д-р Владимир Лазаревски.

Добитник е на многубројни награди на државните музички натпревари, како и и наградата за најдобар студент на Факултетот за музичка уметност.

Настапувала како солист или како член на камерни оркестри на сите фестивали во Р. Македонија, но и надвор од неа, во Холандија, Босна и Херцеговина, Грција, Турција, Украина, Унгарија, Бугарија, Србија, САД итн… има остварно и повеќе аудио и видеоснимки. Постојан член е на камерното студио „Бахус“, камерниот ансамбл „Консонанс“, обоист во оркестарот Macedonian Music Entertainment.

Во областа на културниот менџмент има огромно искуство и во организирање разни концерти, семинари, раководење ансамбли и оркестри. Во периодот од 2007 до 2017 година беше директор на Македонската филхармонија.

За нејзината успешна работа како лидер, но и како уметник, одликувана е и со највисоки меѓународни и национални признанија: Медал за посебни заслуги во областа на културата и уметноста, доделен од државата Полска (медал што ретко се доделува на странци), Медал за посебни заслуги за придонес кон македонската култура, доделен од Бигорскиот манастир, и медал „Витез од редот на уметноста и книжевноста“, доделен од француското Министерство за култура.

Маја повеќе од 20 години музицира на позицијата англиски рог и обоа во Македонска филхармонија и активно ги промовира камерната музика и музиката пишувана за англискиот рог, кој сѐ уште се смета за редок инструмент.

Владимир Лазаревски студира инструмент обоа на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, кај проф. Георги Желјазов, каде што дипломира и магистрира во 2003 година. Една година подоцна Владимир добива целосна стипендија од музичката академија „Лонџи“ во Бостон, САД, каде што заминува да се усовршува како обоист и камерен музичар. Таму учи во класата кај проф. Вејн Рејпиер и проф. Марк Мекеван, врвни обоисти на оркестарот на Бостонската филхармонија, каде што ги заокружува своите постдипломоски студии во 2006 година. Во периодот 2007- 2009 година успешно ги заврши студиите по програма на Универзитетот „Курт Бош“ од Сион, Швајцарија, и го добива звањетото МБА – магистер по бизнис-администрација, а во февруари 2013 година успешно ја брани својата докторска дисертација на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија и доби титула доктор на музички науки и музичка уметност од областа камерна музика и обоа.

Како член на квартетот „Мјузик прогресив“, Лазаревски е добитник на наградата „Виртуози“ за најдобар камерен ансамбл во 2012 година. Исто така, тој е лауреат на меѓународниот музички натпревар „Алегро виво“ во Австрија 2002 година и добитник на третата награда на натпреварот „Земјата и луѓето“, Бугарија 2001. Освојува и први награди на државните натпревари во Македонија во 1996 и 1997 година. Својот музички профил го усовршува на многубројни семинари и мајсторски класи кај еминенти обоисти, како Инго Горицки, Давид Валтер, Паул Гуди, Хелмут Мецера и др.

Владимир Лазаревски има многубројни настапи на фестивали во земјата и странство, како: „Моцартеум“ и „Алегро виво“ во Австрија, Бостонски музички вечери во САД, фестивалот „Дартингтон“ во Англија, Гдањско музичко лето во Полска, Блуз и Џез-рели фестивалот во Луксембург, Скопско лето, ДММ, „Бит-фест“, „Балкан класикал мјузик фестивал“, Штипско културно лето, фестивалот МОДОАРС и др. Секако, на ова се приклучуваат и настапите како солист со оркестар: Македонската филхармонија (1998, 2012, 2015), со ансамблот „Арс барока“ во Софија, Битола и Крива Паланка, (2003, 2013), со Академскиот симфониски оркестар во Бугарија (2012) и со оркестарот на West Coast symphony од Канада во Македонија и Канада (2012, 2013, 2016).

Како обоист и солист на англиски рог свири во составот на голем број ансамбли, и тоа: Македонската филхармонија, Македонската опера и Балет, Сараевската филхармонија, симфониските оркестри во Пазарџик и Враца, Р. Бугарија, Нов симфоничен и Академскиот симфоничен оркестар во Софија, Камерниот оркестар на Лонџи, САД, Колегиум-музикум Банкја од Бугарија, West Coast symphony од Канада, оркестарот Warmińsko-Mazurskiej од Полска и др.

Актуелно, Владимир Лазаревски е вработен како прв обоист во НУ Македонска филхармонија и е ангажиран како вонреден професор на музичката академија при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип од формирањето, па до денес. Исто така, Владимир е член на камерниот ансамбал „Мјузик прогресив“, ансамбалот за современа музика КОНТЕМПОРА и симфонискиот оркестар за филмска музика FAMES.


0 views

コメント


bottom of page