Концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“
Под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, вечерва, во рамки на фестивалот „45. Денови на македонска музика“’, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ ќе изведе повеќе дела, меѓу кои Адаѓо за гудачки оркестар од Кирил Македонски и Циклус за сопран и гудачки оркестар од Благоја Ивановски. Во Фоајето на Националната опера и балет, каде влезот на концертот ќе биде слободен, ќе бидат изведени и Пеома за гудачки оркестар од Драгослав Ортаков, Записи за глас и гудачки оркестар од Михајло Николовски, Кончертино за гитара и гудачки оркестар од Јане Коџабашија и Калеш Анѓо за сопран и гудачки оркестар од композиторот Благој Цанев. Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои три и пол децении и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска. Оркестарот реализирал преку 100 концерти и е добитник на бројни награди и признанија. Диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа.
Comments