Концерт на Влатко Стефановски во Античкиот театар во Охрид
26.07.2024 Juli Petok
Влатко Стефановски, најпознатиот македонски рок, поп и џез-музичар, основач на „Влатко Стефановски трио“ и еден од основачите на групата „Леб и сол“ во која беше гитарист, пејач, композитор и автор на текстови, вечерва (26 јули), со почеток во 21:00 часот, ќе одржи концерт во Античкиот театар во Охрид. Во текот на дваесетгодишното постоење, групата „Леб и сол“ сними 12 албуми, една двојна компилација и музика за различни намени: филмски и театарски претстави, како и телевизиски серии.
Првите соло-настапи на Стефановски започнаа на почетокот од 1990-тите и, заедно со Бодан Арсовски, во 1990, го издаде првиот македонски компакт-диск, со музика за рок-балетот „Зодијак“. Во 1994 г., Стефановски го сними својот прв самостоен албум, „Каубои и индијанци“. Во 1993 г., работеше на проектот „Сараево“, за потребите на претставата на Горан Стефановски, прикажана во театарот во Антверпен, во режија на Слободан Унковски. Потоа следува музиката за филмот „Џипси меџик“, во режија на Столе Попов, а компакт-дискот се појави во продажба во 1997 г., а насловната песна од овој албум, „Џипси сонг“, стана хит на Балканот. Влатко е дел и од проектот „Balkan Horses“ во кој, покрај него, учествуваа и еминентни музичари од Балканот.
Во 2001 г., Стефановски ја објави компилацијата „Кино Култура“, на која најдоа место најинтересните музички теми од пет филма: „Џипси меџик“, „Небесна јадица“, „Три летни денови“, „Самоуништување“ и „Пат кон сонцето“. На почетокот од 2002 г., на покана од хрватскиот режисер Вицко Руиќ, Влатко ја напиша музиката за неговиот втор филм, „Серафин, син на светилничарот“. Таа година, во текот на летниот период, тој настапуваше во повеќе земји, во најразлични формации (со своето трио, со Мирослав Тадиќ, со Џибони итн.), а есента му се посвети на снимањето на својот следен соло-албум. Во 2004 г., Стефановски и Мирослав Тадиќ го снимија албумот „Трета мајка“, на кој гостува и бугарскиот музичар Спасов.
Стефановски гостува на албумите на повеќе групи и пејачи. Добитник е на повеќе награди како: естрадната награда на Југославија, наградата (за животно дело) „Трајни вредности во Македонија“, наградата на Стериино позорје, за музиката во претставата „Ослободувањето на Скопје”, три награди „Златен грамофон“ на фестивалот „Месам ’87“ и повелба на Градот Чикаго.
Comments