Контроверзии во пресрет на отворањето на „Берлинале“
12.02.2024 Februari Ponedelnik
Меѓународниот филмски фестивал во Берлин, кој почнува на 15 февруари, се најде на удар поради поканата до некои екстремно десничарски политичари да присуствуваат на свеченото отворање. Двајца членови на Алтернатива за Германија ја прифатиле понудата да присуствуваат на настанот, претседателката на покраината Берлин, Кристин Бринкер, и нејзиниот заменик Роланд Брилер. Поради тоа, повеќе од 200 филмски професионалци и културни работници потпишаа отворено писмо во кое го осудуваат овој потег на организаторите, повикувајќи ги „да ја повлечат и да ја преиспитаат оваа навредлива и бесчувствителна покана“.
– Не веруваме дека церемонијата на отворање може да се смета за безбедно место за Евреите, жените, членовите на ЛГБТИ+, лицата со посебни потреби, Ромите, или заедницата на јеховините сведоци, кои, меѓу другите, се соочија со прогон и геноцид од крајно десничарско, националноконзервативно движење во Германија – се наведува во писмото, кое го пренесува „Ал џезира“.
Меѓу потписниците се Џема Десаи, писателка и програмерка од Велика Британија, Саид Таџи Фаруки, прославен палестински британски режисер, и Константина Леви, основач на студио со седиште во Берлин.
Од фестивалското раководство изјавија дека поканата до политичарите била бирократска.
– Комесарот на Сојузната влада за култура и медиуми и Берлинскиот сенат добиваат квоти за покани за отворање на „Берлинале“, кои им се доделуваат на избраните членови. Луѓето, вклучувајќи ги и избраните претставници, што се однесуваат спротивно на демократските вредности не се добредојдени на „Берлинале“ – се наведува во соопштението.
Во понеделникот уметникот и режисер Лоренс Лек се повлече од планот за развој на уметникот на филмскиот фестивал, повикувајќи се на гореспоменатите покани.
– АфД се националисти, антисемити, исламофоби, антиимигранти што ги негираат климатските промени и не можам да замислам да го делам истиот простор со нив. Одговорот на „Берлинале“ дека нивниот протокол е да поканат демократски избрани политичари е целосно несоодветен. Не можам да учествувам на филмски фестивал чии организатори следат застарено сценарио – изјави тој.
Десетдневниот фестивал „Берлинале“, кој добива и одредени државни средства, е еден од најважните настани во светската филмска индустрија. Годинава ќе прикаже 239 филма, а вообичаено привлекува десетици илјади филмаџии. Оскаровката Лупита Нионго ќе претседава со жирито, во кое се германскиот режисер Кристијан Пецолд, Ан Хуи од Хонгконг и шпанскиот режисер Алберто Сера.
Comments