top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Конечно без километарски редици во пандемијата, за проекти од култура ќе се аплицира онлајн

23.09.2021 Septemvri Cetvrtok

Екипи од Министерство за култура деновиве на терен започнаа со обуки за корисниците. Обуките се одвиваат во центрите за култура, но се наменети за правни и самостојни лица, здруженија и уметници кои имаат право на апликација за Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата, за 2022 година

Ќе профункционира ли годинава електронскиот начин на поднесување на документи за финансирање проекти од областа на културата е прашањето кое деновиве се почесто се поставува меѓу уметниците, издавачите, културните работници… Токму долгите редици пред Министерството за култура, нервозите и меѓусебните обвинувања кои минатата година можеа да се видат пред Министерството за култура и тоа во екот на пандемијата, предизвикаа низа реакции на сметка на оваа државна институција која најави дека за годинешново аплицирање конечно ќе фатиме чекор со Европа и целата постапка ќе се одвива електронски.

Токму во таа насока од Министерството за весникот ВЕЧЕР ни посочија дека во пресрет на конкурсот кој наскоро ќе биде распишан, постапката и обуките за електронско аплицирање се веќе во тек.

„Министерството за култура од годинава воведува електронска апликација за Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата, за 2022 година. За таа цел, екипи од Министерство за култура на терен започнаа со обуки за корисниците. Обуките се одвиваат во центрите за култура, но се наменети за другите корисници, правни и самостојни лица, здруженија и уметници кои имаат право на апликација“, велат од Министерството за култура.

Оттаму посочуваат и дека целта е новиот начин на аплицирање да се доближи до секој корисник во сите региони на државата.

„Постапката се одвива пред официјалното објавување на Годишниот конкурс со намера да се обезбеди доволно време за одговор на сите отворени прашања. Така ќе се одземе што покус временски период за технички прашања, од времето на законскиот рок на траење на Конкурсот“, истакнуваат во ресорното министерство.

Во изминативе неколку дена, обуки се одржаа во Куманово, Крива Паланка, Делчево, Кочани, Струмица, Штип, Неготино, Велес, Тетово, Гостивар, Кичево, а како и во Прилеп, Битола, Охрид и Струга. Во понеделник, обуките низ државата завршуваат со Дебар, а во вторник, поради ковид-протоколите и поголем број апликанти, ќе се одржат во Скопје во неколку институции.

На овој начин, конечно, ќе се олесни аплицирањето и за корисниците и за службите, па ќе се избегнат сите нервози и пропусти кои беа карактеристика на досегашните поднесувања на документите кои се вршеа или лично во архивата кај службите во Министерството за култура или преку пошта. Исто така ќе се избегне и потребата да се создаваат гужви само во одреден период од денот, со оглед дека минатата година документите се поднесуваа лично само во рок од три часа (од 9 до 12) во текот на денот.

„Во овие услови на пандемија кога не треба да има групирање ова е несфатливо. На луѓето не може да им се забележи што реагираат бурно бидејќи мораа да чекаат надвор на студот и со часови. Имаше многу кои не успеале да завршат работа токму поради краткото време за работа на администрацијата“, се пожалија апликантите минатата година. За оваа година, велат, искрено се надеваат дека електронското аплицирање ќе се спроведе без проблеми, но останува да почекаат и да видат како ќе се одвива.

Со оглед на ковид-услови кога е намален и бројот на вработени, ваквиот начин на аплицирање е далеку полесен и поприфатлив за двете страни. (Д.Т.)


1 view

Comments


bottom of page