„Конески како тестамент“ – нова книга на Мојсова-Чепишевска
„Конески како тестамент“ е новата книга на професорката Весна Мојсова-Чепишевска која ја објави издавачката куќа „Матица македонска“ во годината кога се навршуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески и 75 години од Филолошкиот факултет кој го носи неговото име. Ова нејзино најново дело е еден вид омаж за големиот татко на македонската научно-критичка мисла, но и за „патријархот на македонското писмо“ како што го нарекува познатиот грчки поет Костас Валетас.
Книгата, според авторката, е скромно, но искрено исчитување на еден дел од делото на Конески. Инаку критичко-есеистичкото дело „Конески како тестамент“ се развива низ две поглавја и тоа: Конески како поттик и Конески како инспирација.
Како што посочува, инспирацијата за самиот наслов доаѓа од сознанието дека настанала некој вид радикална промена во животниот стил на Конески во неговите последни денови, како и дека таа промена дошла до израз во неговото обраќање до македонската јавност на Рациновите средби во Велес на тема „Пишувањето на ‘мал’ јазик“.
„На секој одреден или фиксиран текст му претходи и одреден архитекст. Во оваа смисла книгава се гради преку дијалогот со вредностите кои ме опкружуваат како автор, како книжевно-историски и книжевно-теориски истражувач. Тоа е најискрен дијалог на мојата индивидуална свест со колективната свест на ова мое време, колективната свест која како најмногу да се манифестира токму преку делото на Конески“, истакна авторката Мојсова-Чепишевска.
Comments