top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Компакт-дискот „Варијации“ на Трпчески меѓу изданијата на годината

Светскиот музички магазин, британски „Грамофон“, го вброи компакт-дискот „Варијации“, на македонскиот пијанист од светски глас, Симон Трпчески, меѓу најдобрите солистички пијано албуми на годината, а неговата изведба на два сета варијации на Бетовен се најде на листата најдобри изведби на дела од големиот германски композитор во 2022 година.

„Тројца мајстори на варијациите како форма Бетовен, Брамс и Моцарт, ги истражува и очигледно ужива во нив пијанистот Симон Трпчески на овој прекрасен албум“, истакнува уредничкиот избор на „Грамофон“.

Албумот во март годинава го издаде британската етикета „Лин Рекордс“, а на својот прв самостоен компакт-диск за оваа издавачка куќа, Трпчески се претставува со дела од Моцарт, Бетовен и Брамс. По повод излегувањето, Трпчески појасни: „Многу сум среќен што излезе овој албум снимен во време на пандемија, во февруари минатата година во една идилична атмосфера во Берлин, но со многу тешкотии од бројните протоколи и ограничувања за патување. Сепак мило ми е што со вонсериските напори на ‘Лин Рекордс’ и во тимска работа со ‘Бехштајн’ од Берлин успеавме да направиме еден многу убав производ под водство на исклучителниот германски продуцент и инженер за звук Инго Петри.

Албумот го нарековме ‘Варијации’ и содржи не многу често изведувани дела, дела од кои самите композитори биле инспирирани… Целиот избор на репертоар и насловот ‘Варијации’ ги поврзав со обединување, обединување на човештвото против злото што го снајде и е еден убав показател дека музиката е универзален јазик кој на најчист можен начин може да ги обедини луѓето, како што тоа го направиле композиторите покажувајќи почит и љубов во поврзувањето на културите“, вели Трпчески.


0 views

Comments


bottom of page