top of page

Коментар: Кому му требаше скандалот со ракометните судии?

Еден ден пред македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов да се појават на ракометните терени во Шведска за да ја делат правдата на светското ракометно првенство, нивното име се вмеша во еден текст што се занимава со истражување околу сомнителни ракометни резултати, каде што се посочуваат 26 натпшревари и осум судиски двојки.

ЕХФ очекувано реагираше со свое соопштение во кое посочи дека нема докази за таквите сомнежи да бидат процесирани од надлежните органи, повторувајќи ја одамна познатата позиција за „нула толеранција“ по ова прашање.

Епилогот е очекуван, но човек мора да се запраша: кому му требаше да се актуелизира ова сега? Спорните натпревари се одиграле меѓу септември 2016 и ноември 2017 година, а првата објава од „Спортрадар“ датира од 2018 година. Според текстот на данскиот медиум „ТВ2“, истражувањето на „Спортрадар“ се случило откако неколку компании за обложување алармирале дека имало високи облози за некои натпревари да завршат со нерешен резултат на полувреме, или со помал број на погодоци. Данците натаму упатуваат дека „Спортрадар“ е тој што става акцент на судиите, за потоа „да ги потсетат читателите“ дека едни од нив (Матија Губица и Борис Милошевиќ од Хрватска), им суделе на нивната репрезентација во Египет, кога победникот бил познат по играње на продолженија и изведување пенали. Кога го спомнуваат Начевски и Николов, упатуваат на тоа дека тие го суделе полуфиналето на Европското првенство во 2022 година, каде што Данска загубила од Шпанија.

Ваквиот пристап не е убав за спортот. Ако за случајот се истражувало во 2018 година и ако надлежните институции не покренале постапка, повторното инволвирање на јавноста само може да наштети. Зошто данскиот медиум чекаше да дојде светското во Шведска и сега да се занимава со овој случај?

Можеше ова да биде актуелизирано порано, но ете заради нам непознати причини тие се решиле сега. Нивниот соговорник (Крис Кронов Расмунсен), кој е професор на факултет по предмет „Интегритет на обложувачката индустрија“ вели дека ЕХФ е пасивна по ова прашање, кога имало „јасни знаци“ во извештајот на „Спортрадар“ за однесувањето на судиите. Сепак, луѓето од „Спортрадар“ не сакале да им дадат изјава, а не сакале ниту од ИХФ, ни други на кои им пристапиле, вклучувајќи ги и Начевски и Николов.

Водејќи се од познатата реченица дека „најсимпатичниот трик на Ѓаволот е да те убеди дека не постои“, која му се припишува на Шарл Бодлер и е напишана во неговото дело „Дарежливиот коцкар“, мене лично ми пречи ваквата поставеност на данскиот медиум. „Округло па на ќоше“ ги експонираше оние кои им суделе на Данците во Египет 2021 и во Унгарија 2022 година, и тоа токму пред борбата за нови медали. Како што се повикуваат на фактите од извештајот на „Спортрадар“, така е и во овој случај со нивниот тајминг и објавувањето на имињата на две од осум судиски двојки.

Во тој контекст, мене лично не ми се допаѓа фактот дека данскиот фудбалски судија Хенинг Лунг – Соренесен во 1982 година го повтори изведувањето на пеналот на Светското првенство во Шпанија, во натпревар кога домашната репрезентација при водство на тогашна Југославија од 0:1, им овозможи изедначување со второ изведување на пенал. Не ми се допаѓа ни што Данска беше пуштена да игра на Европското првенство во фудбал наместо Југославија во 1992 година, кога поради отцепувањето на дел од републиките, беше направен преседан и репрезентацијата што се квалификуваше не доби шанса да игра, а нивната иако испадна во квалификациите, доби таква шанса што ја конвертираше во европска титула. Но, сето тоа е само дамнешна прошлост.

Сите сме заинтересирани спортот да биде ослободен од девијантни појави, но обложувачката индустрија си има свое лоби и испраќа пораки што ги наоѓа за потребни во прилог на нивната позиција. Луѓето во црно не се единствените што треба да бидат оцрнети, особено не оние што имаат добиено признанија за својата работа. Кој ќе им се извини за валкањето на нивното име?

Спортските обложувалници можат да одбијат уплата, а има земји каде што обложувањето е со закон забрането. Кога веќе ја примиле уплатата на ризични коефициенти, го прифатиле својот дел од ризикот. Тоа е расправа што може да оди во недоглед. Наместо да бара суспензија на судиите, може и да нема одреден спорт во понудата, самите обложувалници да го суспендираат. Еве на пример, шахот го нема бидејќи сите се свесни дека таму со еден грешен потег може лесно да се исценира пораз.

На овој начин, само можам да констатирам дека сум огорчен бидејќи во пресрет на ракометниот мундијал лансираа ваква афера, во која меѓу редови може да се наслути пресметување со судиите на нивната репрезентација.

Александар Табаковски


 
 
 

Comments


bottom of page