Комеморација: Песните на Радован Павловски се симбол за неуништливоста и вечното постоење на животот
28.02.2022 Februari Ponedelnik
„На 22 февруари 2022 година, животната судбина го зеде од овоземниот свет академик Радован Павловски, истакнат македонски поет, творец со ‘волшебна поетска дарба’ (Анте Поповски), ‘од Бога надарен громовник’ (Ерол Туфан), поетски потомок на Артур Рембо, принц на метафората, ерудит чии имагинативни, сугестивни и асоцијативни поетски слики оставија трајни белези во Македонија, но и надвор од нашата држава. Тој е припадник на третата повоена генерација македонски писатели, заедно со Влада Урошевиќ, Петре М. Андреевски, Јован Котески, Богомил Ѓузел, Петар Т. Бошковски – онаа генерација што се појавува во втората половина на педесеттите години на дваесеттиот век и која со своето дејствување ќе изврши пресудно влијание врз процесот на дедогматизацијата и модернизацијата на македонската литература, придонесувајќи за победата на оние сили кои промовираа ширење на хоризонтите на творечките слободи“, рече академик Љупчо Коцарев на денешната комеморација која се одржа во Македонската академија на науките и уметностите, по повод смртта на македонскиот поет Радован Павловски (1937 – 2022).
На тажното собрание пред почитувачите на делото на академик Павловски, Коцарев, накратко го претстави животниот пат на поетот кој потекнува од гостиварското село Железна Река. „Студирал право и литература на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје, живеел и творел во Загреб, Хрватска (1964 – 1982), во Белград, Србија (1982 – 1985), а во 1985 година се преселил во Скопје. Во 2006 година е избран за редовен член на МАНУ“, истакна претседателот на МАНУ посочувајќи дека песните на Радован Павловски се симбол за неуништливоста и вечното постоење на животот, но и на Македонија.
Коцарев потсети и што кажал Радован Павловски кога бил прашан „што би се случило кога светот би му бил доверен на еден поет?“. „Би вовел барем еден ден како државен празник на поезијата и љубовта, постепено би ги укинувал границите на светот, би ги отстранувал вештачките бариери меѓу народите и би создавал една заедничка култура на светот која отсекогаш имала стремеж да се интегрира во планетарна култура“, одговорил Павловски во 1986 година.
На комеморацијата говореа и академик Влада Урошевиќ и Соња Стојменска-Елзесер, претседателка на Друштвото на писателите на Македонија.
Соња Стојменска-Елзесер од ДПМ, каде што Павловски членувал од 1961 година, рече дека координатите во кој ќе се развивал неговиот творечки дух се чувствувале уште во дописот кога како 18-годишник, во април 1955, ги пратил своите први песни во весникот „Млад борец“: „Сакам да остварам свој свет, осмислен со она што треба да го оправда моето постоење“.
„Тој навистина создаде свој свет… Радован Павловски е еден од најразбушавените, најнедисциплинираните во изразот, најрамнодушните кон формата или кон стилските правци во нашата литература. Поетскиот свет на Радован Павловски е бујна екстаза на имагинацијата, разгранета мрежа од симболи и метафори, магичен лавиринт кој ве заведува во многу насоки, лавина од визии и јазични вратоломии, блиски и далечни асоцијации низ кои одекнува убавината и моќта на македонскиот збор. Уште при поетското деби – објавата на стихозбирката ‘Суша, свадба и селидби’ во 1961 година Павловски е прифатен од македонската книжевна критика како исклучителен поет, кој многу брзо добива признание и поширока рецепција. Истата 1961-ва за оваа збирка ја добива книжевната награда ‘Младост’ во Белград и станува член нa ДПМ и на Сојузот на писатели на Југославија, а неговите стихови заживуваат во препев и на други јазици“, рече Стојменска-Елзесер.
Поетот, есеистот и патописецот Радован Павловски почина на 84-годишна возраст. Автор е на голем број книги поезија, меѓу кои: „Суша, свадба и селидби“ (1961/1971), „Корабија“ (1964), „Високо пладне“ (1966), „Клима и лира“ (1966), „Езерска земја“ (1969), „Низ проѕирката на мечот“ (1971), „Зрна“ (1975), „Молњи“ (1978), „Стражи“ (1980), „Чума“ (1984), „Клучеви“ (1986), Избрани дела во три тома (1986), „Светлина“ (1993), „Јавач на звукот“ (1995), „Синот на Сонцето“ (1999), „Штит“ (2001), „Свртничар на светлините“ (2004), „Господар на перото“ (2006), „Океан во капка“ (2008), „Заштитна повелба“ (2008), „Воспеви“ (2009), „Јас сум време“ (2009), „Мојата ѕвезда“ (2012/2013, собрани дела во 3 тома) и „Се случува вечност“ (2014). Добитник е на голем број значајни национални и меѓународни награди и признанија. Во изминатите шест децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот.
Comments