Комедијата „Паника во хотел Палас“ на Коле Ангеловски премиерно во Струмичкиот театар
- Aleksandar Santovski
- Apr 12, 2022
- 2 min read
Претставата „Паника во хотел Палас“ од Реј Куни, во режија на Коле Ангеловски е премиерата која љубителите на театарската уметност ќе имаат можност вечерва (20 часот), да ја видат на сцената на Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица. Според режисерот, кој го направи и преводот и адаптацијата, оваа комедија досега не е изведувана во македонските театри, а „Паника во хотел Палас“ не се разликува од другите комедии на Реј Куни, туку тоа е типична комедија на ситуации, со неочекувани пресврти, со убаво напишани карактери и многу духовити реплики.
„Во таа комедија на ситуации ние некако вметнавме и една комедија на една политичка сатира во денешно време. Дејството се случува денеска во Скопје, во хотел „Палас“ и има асоцијации на денешните актуелни политичко-социјални збиднувања“, рече режисерот Ангеловски. „Паника во Палас“ е неизведувано дело во Македонија, а според Ангеловски тој повеќето од комедиите на Куни ги превел и ги поставил во неколку македонски театри и секогаш биле најгледаните претстави… Меѓу нив се „Не сега, драга“со преку 250 изведби во Драмски, „Од кол на кол“ во Прилепскиот театар, комедијата „Па не баш…“, „Фани Мани“…
Актерот Бранко Бенинов, кој ја толкува главната улога, со оваа претстава одбележува 40 години работа во Струмичкиот театар.
„Знаеме дека е тешко некого да насмееш посебно во овие тешки временски (не)прилики, кога сите сме ставени во ситуација да размислуваме како општеството да тргне напред, но, за жал, многу тешко ни тргнува. Ние се потрудивме и ми се чини дека ќе успееме да разбудиме чувства на задоволство кај публиката“, истакна Бенинов.
Покрај него во претставата играат уште и Кољо Черкезов, Горан Ников, Игор Тодоров, Коста Ангов, Оливера Аризанова, Ванчо Василев, Анкица Бенинова и Јасмина Вучкова.
Изведби освен денеска (13 април), ќе има и в четврток и петок.

Comments