top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Колоритниот свет на Владимир Темков, создаван 45 години, распослан во Чифте-амам

„Владимир Темков инспирацијата ја црпи од природата и природните богатства, како и од духовните извори на човековото општество, односно од самиот живот. Неговите дела прикажуваат низа феномени од природата, но го покажуваат и неговиот широк културен хоризонт, каде на лирично-експресивен начин се претставени видливите, но и духовните предели од родната Тиквешија. Во неговите дела доминира чувството на слобода – слобода на боите и формата, испреплетување на земјата и небото, материјата и духот, облиците на реалноста, но и на сонот…“, ќе забележи Горанчо Ѓорѓиевски, кураторот на јубилејната изложба на Владимир Темков по повод 45 години творештво поставена во Чифте-амам

„Потребно е долго гледање на сликите на Владимир Темков за да може да ги забележите сите ликовни изненадувања, колоритни акценти, геометрија, енформелски и тактилни потези со четката. Контрасни брзи линии, беспрекорен ликовен ритам… На патот на глетката ви се испречува конкретна форма која ве тера да подзастанете и да го анализирате целосниот ликовен хоризонт… Јас ги слушам птиците кои Темков ги има во своите дела, го слушам жуборот на водата, го слушам и тивкиот шепот на дрвјата, но не затоа што сум посебно надарениот набљудувач и реципроциент на неговото сликарство, туку сметам дека тоа може да го чуе секој кој онирично ќе навлезе во восприемањето на делата на Темков, бидејќи тие ја поседуваат таа силна креативна и моќна имагинација“. Со овие зборови проф.д-р Јана Манева-Чупоска, претседателката на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, завчеравечер, во галеријата Чифте-амам ја отвори јубилејната изложба на еминентниот македонски академски сликар Владимир Темков по повод 45 години од неговото богато творештво. А Чифте амам беше претесен да ги прими сите оние кои дојдоа да го видат и доживеат богатиот и колоритен уметничкиот свет создаден од Темков.

„45 години работа се многу само да се избројат, а замислете колку труд е вложено во овој период и колку многу луѓе се инспирирани од неговото творештво“, посочија од Националната галерија Чифте-амам.

Самиот автор на изложбата Владимир Темков за весникот ВЕЧЕР посочи дека пред посетителите во Чифте амам се претставени “само“ 110 негови дела (колку што дозволува проторот), иако првично за колекцијата со која сакал да го одбележи овој значаен јубилеј за него, подготвил вкупно 150 слики.


“Ова е една од петте изложби кои што оваа година го одбележуваат моето творештво. Првата беше во Кавадарци, па во Њујорк, сега во Скопје, а следната е во Истанбул и потоа ќе се претставам во Белград и Солун. Неодамна се вратив од Њујорк, меѓутоа дома е дома и затоа ова претставување е едно од најубавите работи во мојот живот. Во моите дела се претставени убавините на природата. Спојот меѓу убавото од природата и спојот од духовното, сето трансформирно во еден енформелистички и експресионистички стил, го претставува моето творештво. Тука е и фигуративност, човек како фигура и предмети како грозје и јаболка, или пак, елементи кои човекот секојдневно ги среќава во својот живот, како птицата која е составен дел од житните полиња…“, вели авторот за весникот ВЕЧЕР, зборувајќи за своето творештво инспирирано пред се од убавините на Тиквешијата. И токму пред присутните беа претставени сликите насловени „Паунот на Тиквешијата“, „Боите на Тиквешко Езеро“, „Црвениот зрак“, „Житно поле“, „После дождот“, „Копа сено“, „Портокаловата птица“, но и „Париз ноќе“…, главно масло на платно и комбинирана техника.


Проф. д-р Кирил Темков, пак, ја истакна големината на овој автор, како и заслугите што тој ги имал во изминатите години како културен деец. „Ова што го гледате е десетина од она што Темков го има направено, некои од нив се ретки, чудесно важни, но тие немаат крај затоа што тој е човек кој постојано слика, работи и не запира со своето творештво. Неговите слики се убави, допадливи, важни. Тој за својата уметност напиша и книга, во која пишува како се допрел до убавините на Тиквеш, како тие за него зрачеле. Пред овие дела немојте да заборавите дека има направено неколку стотици изложби и дека ја унапредил уметничката галерија на Кавадарци. „Тој е најдобар сликар во Македонија во својата генерација, кој не престанува да твори“, кажа меѓу другото на отворањето на изложбата д-р Кирил Темков, професор по Етика, Естетика и Филозофија во пензија.

Кураторот Горанчо Ѓорѓиевски, кој ја подготви изложбата на Темков во Чифте-амам, ќе забележи: „Владимир Темков инспирацијата ја црпи од природата и природните богатства, како и од духовните извори на човековото општество, односно од самиот живот. Неговите дела прикажуваат низа феномени од природата, но го покажуваат и неговиот широк културен хоризонт, каде на лирично- експресивен начин се претставени видливите, но и духовните предели од родната Тиквешија. Во неговите дела доминира чувството на слобода – слобода на боите и формата, испреплетување на земјата и небото, материјата и духот, облиците на реалноста, но и на сонот… “

Присутните на отворањето на изложбата, но и сите оние љубители на уметноста кои во наредните денови ќе ја посетат изложбата на Владимир Темков имаат можност да ја „сочуваат“ само за себе неговата уметност преку каталогот во кој Ефтим Клетников ќе запише: „Оваа негова голема ретроспективна изложба во Националната галерија на Македонија го претставува како една од најтипичните и најмаркантните личности на македонската модерна“.

Инаку, Владимир Темков е роден е во Кавадарци во 1959 година. Средно уметничко училиште и Педагошка академија завршува во Скопје, во класата на професор Ванчо Георгиевски, а Факултет за ликовни уметности, отсек графика дипломира во класата на проф. д-р. Трајче Блажевски. Магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство, во класата на проф. Благоја Маневски. Тој е основач и организатор е на Меѓународната ликовна колонија „Кавадарци-Михајлово“ од 1996 година, како и на првата Ликовна колонија 1982 во рудник ’Ржаново, с. Мрежичко, Кавадарци. Претседател е на Друштвото на ликовни уметници на Кавадарци, како и потпретседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Добитник е на многу домашни и меѓународни признанија од областа на ликовната уметност. Има учествувано на голем број ликовни колонии, симпозиуми и семинари…

Со оглед дека улогата на уметникот е да го бележи сопственото време, како што истакнува Манева-Чупоска: „Владимир Темков не застанува пред предизвикот време, не сопира со својата желба да креира нови имагинарни светови, да продолжи да патува низ времето… А, неговите дела остануваат да траат, да бидат вечни. (Д.Т.)









1 view

Comments


bottom of page