„Колонизација/деколонизација на природата“ тема на „Галичката ликовна колонија“
„Галичката ликовна колонија“ ќе се одржи од 12 до 20 август во Галичник, а оваа година во фокусот се „Колонизацијата/деколонизацијата на природата“ како многу важно прашање во еколошка и политичка смисла и проблемите со доминацијата на капиталот, кои се наметнаа како сериозен интерес во областа на современата уметност и нејзините транстактики.
– Зошто е ова важно за глобалниот процес на (еколошка) ментална трансформација кон посвесни општества и нејзината иднина?
Користењето на природните извори без никаква стратегија и план ќе нѐ доведе до неурамнотежена природа и цели екосистеми што го „паметат нападот“ ќе почнат да ги враќаат ударите во различни форми и облици. Сведоци сме на многу пандемии и ендемии, земјотреси и цунами, пустошење на земјата, области, градови и труења што доаѓаат од самата земја, како рак-рани на почвата. Дали треба да продолжиме со нашата надмоќ над Земјата или да почнеме да ги користиме природните добра со контрола и стратегија?! Дали сме ние колонизатори на природата и дали треба да почнеме да ја деколонизираме од своето Јас? – вели Ана Франговска, организаторка на колонијата.
Учесници на 34. издание на „Галичката ликовна колонија“ се: Аница Вучетиќ – Србија, Јелена Владушиќ – Србија, Калин Серапионов – Бугарија, Пенка Минчева – Бугарија, Ефи Фурики – Грција, Фуруја Такахиса – Јапонија, Ларс ден Хертог – Холандија, Ил Џафери – Косово, Иван Блажев – Македонија и Филип Велковски – Македонија.
– Имплементацијата на предностите на новата ера во античкиот амбиент на прекрасниот Галичник е како додавање ново ткиво во организам со дефинирана стратиграфија. Хабитусот помеѓу старото и новото се издигнува во синтеза, синергија, надградба, современост со нагласен културен предзнак. Постојаните мешања и меѓунационалниот белег, македонската гордост: културата на нашата земја и меѓународниот дух и културата на другите, онаа различната; односот меѓу историјата, природата, фолклорот и традицијата со современата и урбана анемија на постмодерната уметност, ја формираат и дефинираат Ликовната колонија во Галичник како специфика не само на национално туку и пошироко, на регионално ниво – вели Франговска.
На Ликовната колонија во Галичник е зачната идејата за промена на медиумот на работилницата.
– Дигиталната уметност или поопшто уметноста на новите медиуми е детерминанта, т.е. уметноста на новото време, новите технички и технолошки придобивки, интернет-уметност, компјутерската уметност, дигиталната фотографија и графика, видеоинсталациите, виртуелната реалност… сите тие ги надградија класичните медиуми на штафелајно сликарство, скулптура, цртеж, графика. Со ваквиот пристап, „Галичката ликовна колонија“ стана единствена колонија од ваков вид на регионално ниво. Несебичната посветеност и ентузијазам во име на продолжување на долгогодишната културна традиција на селото Галичник и реканскиот крај и во име на квалитетната нововременска уметност воопшто и, секако, аспектот на размена на искуства и знаења и човечки ресурси се главните постулати на колонијата – вели историчарката на уметноста Ана Франговска. В.Д.
Comments