„Колибри“ – најдобриот италијански роман за 2020 објавен на македонски
Updated: Feb 2, 2022
01.02.2022 Januari Vtornik
Преводот на најдобриот италијански роман во 2020 година – „Колибри“ излезе од печат како 206 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“. Издавачот се одлучи да го издаде актуелниот добитник на престижната италијанска книжевна награда „Стрега“, романот „Колибри“ од Сандро Веронези, во превод од италијански јазик на Анастасија Ѓурчинова, по издавањето на исто така романот-лауреат „Тивок хаос“ во 2016 година.
„Меѓународната сензација бр.1 од мајсторот на европската литература, Сандро Веронези, добитник на италијанската Premio Strega, е сага за едно фирентинско семејство од 1960-тите до денес. Марко Карера е јунакот во оваа семејна приказна, тој е ‘колибри’, човек со речиси натприродна способност да остане мирен во хаосот на светот кој постојано се менува. Како прекрасно и привлечно патување низ времето раскажано во голем број наративни стилови, ‘Колибри’ е приказна за страдањето, среќата, загубата, љубовта и надежта – за човекот кој го отелотворува тивкиот хероизам што го дефинира секојдневниот живот на безброј обични луѓе. Потенцирајќи ја потребата да се гледа во иднината со надеж и да се живее со интензитет до самиот крај, ремек-делото на Сандро Веронези – читливо, богато со знаења и исполнето со интересни пресврти и откритија – е портрет на човековото постоење, перипетиите и каприците кои нè поттикнуваат и на крајот нè дефинираат“, посочуваат од „Или-или“.
Според Ијан Мекјуан „’Колибри’ е мајсторски роман, брилијантно осмислен мозаик на љубов и трагедија“, а за Гардијан – „сè што го прави романот вреден и привлечен е тука… прекрасно – трогателно, исполнето, убаво“.
Сандро Веронези (1959) e еден од најреномираните современи италијански прозаисти. Автор е на повеќе романи и збирки раскази и добитник е на некои од најпрестижните книжевни награди во Италија и надвор од неа. Со романот Силата на минатото (2000) ги освои наградите „Кампиело“ и „Вијареџо“, за романот Тивок хаос (2005) ја доби најпознатата италијанска награда „Стрега“ 2006, како и две значајни признанија во Франција: наградата „Фемина“ и „Медитеран – странци“. Овој роман со успех беше пренесен и на филмското платно од страна на режисерот Нани Морети во 2008 година. Со најновиот роман Колибри (2019) Веронези го повтори успехот, освојувајќи ја по вторпат наградата „Стрега“ за 2020 година.
Излегувањето на книгата е поддржано од Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија и од македонското Министерство за култура.
Comments