top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Кога пишувам, по цел ден мислам на приказната и на ликовите

Моника Компаникова, словачка писателка

Моника Компаникова, една од најзначајните писателки на современата словачка литература, деновиве беше во Скопје како гостинка на фестивалот на европска литература „Букстар“, во организација на издавачката куќа „Антолог“. Завршила Ликовна академија – отсек графика, а подоцна магистрирала и сликарство во Братислава. За својата дебитантска книга ја добива наградата „Иван Краск“. Авторка е на четири романи, како и на пет книги за деца. За романот „Петтиот брод“ ја има добиено најпрестижната книжевна награда во Словачка, „Анасофт литера“, кој е прогласен и за најдобра книга за 2010 година. Според „Петтиот брод“ е снимен и филм, премиерно прикажан на Берлинскиот фестивал, каде што ја освојува првата награда во категоријата „филм за млади“.

Колку длабоко нурнувате во ликовите додека ги создавате, знаете ли „кој број чевли носат“? – Јас по професија сум сликарка, прво почнав со сликање, уште од дете се занимавав со сликање и тогаш не ни замислував дека ќе бидам писателка, дека ќе пишувам. Затоа мојот визуелен ефект е многу силен, посилен од работата со зборови и реченици. Немав амбиции да бидам писателка. Во сликањето нема притисок, нема стрес. Но, еве, кога веќе се пронајдов во книжевноста можам да кажам дека ги гледам моите ликови низ слики, тие се како рамки во движење, знам точно како изгледаат и како се чувствуваат внатре. Можеби не им го знам бројот на чевлите, но знам како размислуваат. Ја знам нивната историја, која исто така е важна за секоја личност, затоа што многу влијае на тоа како се однесуваат, што прават, особено кога се деца. Затоа и книгата „Петтиот брод“ е книга за синџирот од падови, за односот со родителите, кој значително влијае на животот на децата. И овој синџир може да биде долг, со разочарувања, неуспеси. И само силни ликови и карактери можат да го скинат. Кога почнав да ја пишувам книгата, точно знаев кои се родителите на мојот лик, бабите, целото потекло, затоа што мислам дека тоа е многу важно во изградбата на карактерот.

Кога одлучувате дека една приказна е доволно силна за да биде запишана? – Некогаш се потребни година-две, затоа што кога почнуваш да пишуваш тоа одзема многу време, енергија, размислување… Мислам на приказната и на ликовите по цел ден. Кога ќе станам наутро, прво на тоа помислувам. Но многу сум внимателна кога да почнам да пишувам. Затоа што не само што го знам почетокот туку сакам да го знам и крајот на приказната и да знам зошто сакам да ја напишам.

„Петтиот брод“ е роман за односот меѓу децата и родителите во кој недостигаат интимност и љубов, зошто ја избравте токму оваа тема? – Кога бев бремена, пред 15 години, се случи една многу тажна случка што стои зад мојот роман. Единаесетгодишно дете се самоуби. Неговите родители беа мои пријатели, живееја во мало село. Живееја мирен живот на едно убаво место, но тоа, сепак, направи нешто многу страшно. Ми беше нејасно, незамисливо како се случи тоа. Кога се роди син ми, сѐ повеќе размислував за децата, за тоа што им се случува во главата. И секоја мајка стравува од вакви мисли. Често се преиспитувам дали сум доволно добра мајка, дали ќе бидам способна да го едуцирам добро моето дете, да го заштитам, да го подготвам за животот и да му посочам дека животот не се секогаш нежен со нас, дека знае да биде и тежок. Дали ќе го научам како да премине низ тие тешки моменти? Не сум сигурна дали сум способна и тој страв сѐ уште го чувствувам. Почнав да пишувам додека сум бремена, имав силна слика од чувства, можеби и затоа приказната е толку силна, бидејќи корените на оваа приказна се страшни.

Јарка, главниот лик, сонува да го поправи светот на возрасните… Каква корекција му е потребна на светот за да биде подобро место за живеење? – Ни требаат повеќе љубов и толеранција, трпение меѓусебно и да размислуваме за ранливоста на децата. Тие се многу поранливи отколку што ние имаме перцепција за тоа. Љубовта, сепак, е најважна. И секаков вид љубов меѓу родителите, децата и родителите, и повеќе едукација, едукацијата е клучот. Но не едукација како познавање историја, наука, хемија, математика, туку едукација за психологијата. Секому од нас му е потребен терапевт со кој би можел да позборува кога му се случува нешто лошо или кога е во неволја. Затоа што криењето на проблемите е најлошото нешто. И треба да зборуваме повеќе отколку што зборуваме.

Тешко ли е да се пишува по вистинска приказна? – Тоа, сепак не е вистинска приказна. Само доколку пишуваш биографија, пишуваш за вистински лик. Кога пишуваш приказна, секако дека позајмуваш моменти од туѓите животи, од пријателите, блиските или од себе. Еден голем дел од Јарка сум и јас. И таа е еден голем дел од мене. И мене ми недостигаше љубов од родителите. И мислам дека преку пишувањето првенствено сакаш и да ги решиш своите проблеми. Не секогаш сакаш да го направиш тоа за читателите, туку и за самиот себеси. Сите имаме понекој дел од Јарка.

Вие сте една од најзначајните писателки на современата словачка литература. Како ја оценувате современата литература денес и каков прогрес бележиме? – Мислам дека има многу жени сега во современата словачка литература и тие веќе се силен глас, интересни се и не пишуваат само за феминизам, туку имаат способност да влезат малку подлабоко во човечката приказната. И не се присутни само во литературата, туку и во филмот, во сите аспекти на животот. А секоја приказна може да биде добра приказна, ако писателот знае како да ја раскаже.

Дали пишувањето ви прилега повеќе од сликањето? – Многу поудобно се чувствувам како писателка, попрецизно опишувам. Јасно го имам карактерот во глава и можам да им го пренесам на читателите. Кога го направија филмот, тој беше речиси целосно доловен како што го замислував во мојата глава. И снимањето беше на истото место каде што ја пишував книгата. Можеби и затоа е толку прецизен.


0 views

Comentarios


bottom of page