top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Кога малите учат од големите“ – тогаш македонската музика трае вечно

„Чиста љубов и почит кон традицијата“, „Полна ни е душата, вака се чува изворната македонска музика“… Ова се само дел од коментарите на присутната публика на концертот одржан завчеравечер, во Домот на културата во Кисела Вода. Присутните уживаа во испеаните изворни македонски песни, отсвирени на традиционалните народни инструменти, но и на пијано, гитара, хармоника… Децата и младите, членови на едукативниот центар „Наши ноти“, негувајќи ја македонската музика и чувајќи ја од заборав, на сцената ја донесоа радоста што ја носат традиционалните звуци

Во културниот дом во Кисела Вода, деновиве се одржа несекојдневен, но во исто време и исклучителен музички настан „Кога малите учат од големите“. Mлади музичари, но и искусни професори како Драган Даутовски, одржаа концерт што предизвика воодушевување кај присутната публика, која ја исполни салата до последното место.

„Ова е чиста љубов и почит кон традицијата“, „Полна ни е душата, вака се чува изворната македонска музика“, „Младите создадоа музичка магија со своите учители“… Ова се само дел од коментарите на присутната публика, која час и половина уживаше во испеаните изворни македонски песни, отсвирени на традиционалните народни инструменти, но и на пијано, гитара, хармоника… Децата и младите, членови на едукативниот центар „Наши ноти“, негувајќи ја македонската музика и чувајќи ја од заборав, на сцената ја донесоа радоста што ја носат традиционалните звуци.

Концертот започна со изведба на нумерата „Китуше, Митуше“, а по емотивната изведба на „Тајно моја“ на Тоше Проески, па продолжи со „Билјана платно белеше” и „Ој Јано, Јано” изведени преку звуците на пијаното и во придружба на маестралната Вера Милошевска-Јосифовска од „Љубојна“. Во салата одекнаа и звуците на „Шарени чорапи”, „Пајдушко” и „Ситна лиса” изведени од оркестарот на „Наши ноти“, како и „Ој зелена зеленико”, „Анчино” и „Скопско оро” од дуетот хармоники. Тапаните грмнаа на изведбата на „Копачка“, а се слушнаа и познатите „Македонско девојче”, „Елено ќерко”, „Засвирел Стојан”, како и хумористичната „Седна баба на вечера“. Музичката плетенка создадена со труд и љубов од педесетина членови, но и од наставниците на „Наши ноти“ – Андреј Трајковски, Роберт Ангеловски, Оливер Настоски и Маријан Петревски, ја исполнија атмосферата со радост и почит кон нашето македонско наследство. За крај, заеднички беше изведена песната „Дедо ми појде” под диригентската палка на проф. д-р Драган Даутовски. На организаторите на настанот, наставниците на „Наши ноти“, тој им порача: „Правите револуција, но и реформација на светогледот на овие млади личности и нивните семејства“.

„Ова е втора година по ред како што го реализираме проектот ‘Кога малите учат од големите’, поддржан од Министерството за култура. Како и лани, и овој пат се реализираше во два дела. Ден претходно беше одржан семинар на кој го поканивме проф. д-р Драган Даутовски, од кого децата можеа да учат и со кој заедно создаваа музика. Настанот го збогати и неговиот син, Ратко Даутовски, кој е еден од најдобрите перкусионисти на Балканот. На работилницата децата имаа можност да слушнат краток перформанс од дуото Даутовски, по што се работеше на стара народна песна, која следниот ден беше изведена од сите ученици – вели Андреј Трајковски.

А едукативниот центар „Наши ноти“, кој брои околу 60 ученици, продолжува со зачувување на музичката традиција и со ширење на љубовта кон нашето македонско музичко наследство.

„Тоа се деца од различни генерации, од својата петта година, но има и студенти, кои имаат желба да ја учат традиционалната македонска музика. Нашиот центар е единствен од ваков тип, кој ѝ овозможува на младата популација да изучува традиционални инструменти и музика. А, сето тоа со претходна подготовка на основната музичка теорија, солфеж и останати инструменти од типот хармоника, гитара, пијано. Радува фактот што сè поголем број млади се интересираат да го научат овој вид музика, но и да се запознаат со традиционалните народни инструменти, најмногу тапан, кавал, тамбура, но и сите останати – гајда, зурла… Во овој едукативен центар членуваат и неколку деца со посебни потреби, кои дополнително го збогатија одржаниот настан со својата огромна љубов и посветеност – додава Трајковски, кој посочува дека работат посветено овој настан и музичкото дружење, кое беше поддржано и од Министерството за култура, да станат традиција. (Д.Т.)





0 views

Comments


bottom of page