„Кога во Крушево“ повторно со адреналинска програма
19.07.2021 Juli Ponedelnik
Настанот „Вен ин Крушево“ или „Кога во Крушево“ повторно се враќа со адреналинска програма, концерти на отворено, параглајдинг, планинарење, велосипедизам, јавање коњи, кајакарење, СУП… Фестивалот ќе се одржи од 6 до 8 август во Крушево, а организаторите најавуваат многу адреналин и забава. – Понудата на тури и активности вклучени во картата од 500 денари е збогатена со нови содржини и многу активности, вклучувајќи планински и велосипедски тури, карти за посета на три музеи и кампинг-простор. Покрај овие активности, учесниците ќе добијат попуст за параглајдинг, јавање на коњи и кајак и СУП, а оваа година ќе имаат и можност да учествуваат и да го проследат интернационалниот настан „Крушево трејл челинџ“ – информираат организаторите. Музичката програма резервирана за вечерна забава до раните утрински часови ќе биде исполнета со добро познатите рок-бендови „Блекдор бенд“ и „Д хаундс“, претставувајќи ги своите хитови, од кои и најновиот на „Д хаундс“, „Тишина“. Организаторот најавува уште еден голем концертен спектакл што ќе биде откриен наредните недели.
– Од диџејската програма, главниот носител ќе биде диџеј Галоски, кој успешно ја гради својата кариера на интернационално ниво. Тој ќе се претстави со неговите добро познати техно-композиции, како и промоција на своите најнови хитови, меѓу кои и „Casualty“, која добива милионска слушаност на Спотифај. Исто така програмата ќе биде дополнета со поддршка од локалните диџеи и диџеј Бабура Џуниор, особено познат кај помладата публика – велат организаторите на настанот. За големиот број заинтересирани учесници ќе биде обезбедена посебна камп-зона со сите потребни услови, а секако на располагање ќе бидат и приватните и хотелските капацитети во Крушево. Цената за карта за ова незаборавно тридневното држење во Крушево е 500 денари (400 денари за групна карта 4+1), која може да ја купите на продажната мрежа на „Мк тикетс“ и да се пријавите за учество на wheninkrusevo.mk.
Comments