top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Кога во Крушево“ – адреналински летен фестивал

Единствениот планински град во Македонија по шести пат ќе го дополни летното уживање со фестивалот „Кога во Крушево“, кој обединува музика, спорт и култура! Дружењето и градењето летни спомени оваа година ќе се одржат од 24 до 26 јуни. Целта на фестивалот е промовирање на крушевските убавини преку будење на адреналинот и желбата за слободно дружење, каде што живописната култура на градот го зазема главното место за гостопримство и чувство на топлина. – Настанот започнува вечерта на 24 јуни со пријавување и подигање пакет со маичка и производи од спонзорите. Официјалното отворање започнува истиот ден со забава на отворено и настап на диџеј Естефано, додека наредните денови музичката програма под ведро небо ќе ја дополнат диџеј Бапчу, „Деј оф“, диџеј Гоце САФ, диџеј Мемба Квин, „Паркети“ и „Срилик“ – информираат организаторите.

Имајќи предвид дека Крушево поседува еден од најдобрите светски терени за параглајдерство и е светска топ дестинација за овој вид спортски туризам, во фестивалската програма е вклучен и најадреналинскиот спорт – тандем-параглајдерство, со почетна точка од Мечкин Камен. – Меѓу другите адреналински спортови што ќе се одржат се искачување на вештачка карпа, јавање коњи, кајак и СУП (штица за стоење). За љубителите на планинскиот велосипедизам ќе има кратка и долга тура од 15 и од 30 километри, додека за истражувачите на планинските убавини е предвидена кратка и долга планинарска тура од 10 и од 20 километри. За првпат оваа година за обожавателите на трките во склоп на фестивалот ќе се одржи и трка од пет километри, како и треил-трка. Бидејќи овој фестивал е од отворен карактер и вклучени се повеќе возрасни граници, мислевме и на фамилиите што ќе нѐ посетат со своите деца. За нив има забава преку целиот ден, јога-часови и многу детски игри, покрај Крушевско Езеро – дополнуваат организаторите.

Со оглед на тоа дека заинтересираноста е голема, како и секоја година обезбедена е камп-зона. Со секоја купена карта од 500 денари се добива попуст до 50 отсто за спортските активности, како и влезници за музејот „Тоше Проески“, „Македониумот“ како и „Галеријата Мартиновски“.


1 view

Yorumlar


bottom of page