top of page

Книжевна средба со Капка Касабова ќе се одржи вечер во кафе-книжарницата „Буква“. во Скопје

20.08.2025 Avgust Sreda

Книжевна средба со Капка Касабова ќе се одржи вечер во кафе-книжарницата „Буква“. Низ разговор со авторката, творештвото на Касабова, со фокус на двете книги преведени на македонски јазик, „Кон езерото“ и „Граница“, ќе го претстават Ана Витанова Рингачева и Александар Маџаровски, а за преведувачките предизвици на нејзините дела ќе зборува Бранислав Мирчевски.

Организатор на книжевната вечер е „Или-Или“, издавач на македонските изданија.

– Оваа вечер ќе биде ретка можност за нашите читатели да се запознаат  со бугарско-британската авторка чии книги се преведени на многу јазици и за кои Касабова е добитничка на бројни награди и признанија, соопшти издавачот.

„Граница“ е документарно-поетски патопис низ балканскиот граничен појас меѓу Бугарија, Турција и Грција – простор обременет со историја, миграции и скриени приказни. Касабова, како што се наведува, се нурнува во митологијата, политиката и судбините на луѓето кои живеат во овие гранични зони, откривајќи еден свет кој е истовремено суров и магичен.

„Кон езерото“, пак, продолжува во сличен дух, но се фокусира на Охридското Езеро и Преспанското Езеро – региони каде се испреплетуваат природата, меморијата и историјата. Книгата е интимно патување на авторката низ земјите и луѓето околу езерата, вклучувајќи и нејзино лично семејно минато.

Капка Касабова со книгите „Еликсир“ и „Анима“ ја заокружи т.н. Балканска тетралогија. Издавачот „Или-Или“ и овие две книги ќе ги објави на македонски јазик.

Капка Касабова е родена во Софија, израснала во Нов Зеланд, а живее во Шкотска. Пишува на англиски јазик и нејзините дела се преведени на повеќе од 20 јазици. Позната е по уникатниот стил кој ги спојува патописот, мемоарот, историјата и поезијата. Добитничка е на бројни меѓународни награди, меѓу кои и Nicolas Bouvier Prize, British Academy Book Prize for Global Cultural Understanding, Highland Book Prize, Saltire Society Scottish Book of the Year, Edward Stanford Dolman Travel Book of the Year.

ree
ree

 
 
 

Comments


bottom of page