Книгите да ги негуваме како симбол на надеж и дијалог, кажа Костадиновска-Стојчевска при отворањето на Саемот на книгата
18.04.2024 April Cetvrtok
Саемите за книги се многу повеќе од трговија со книги. Саемите се дружење, но и соединување на огромниот креативен потенцијал. Во неизвесни времиња, мораме да ги негуваме и да ги браниме книгите како симбол на надеж и дијалог и како креативно осовременување на светот како патоказ, порача денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која официјално го отвори 36. издание на Саемот на книга во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Министерката потенцираше дека саемите во последните години прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување, преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Како што рече, оваа година Саемот на книгата има содржини преку кои ќе досегне уште подалеку и ќе допре уште пошироко до публиката.
– Министерството за култура како покровител на овој празник на книгата останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство. На годишните конкурси од година во година импресивна е бројката на сѐ повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено ме радува, како што ме радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка затоа што во овие модерни времиња во кои има сѐ помалку зборови, а сѐ повеќе кратенки и емотикони раскажувачите на приказни се чувари на писменоста – потенцираше Костадиновска-Стојчевска.
Според министерката, радува и сѐ поголемиот број на посетители на Саемот на книгата. Тоа, како што рече, само по себе зборува многу за односот кон книгата.
– Во една статија со апокалиптични сценарија се предвидува дека до 2050 човештвото ќе нема потреба од книги. Не можам да верувам, но можеби за генерациите што доаѓаат тоа ќе биде нормално. Ние, кои живееме во ова време, кое некои го нарекуваат преодно, сигурна сум дека не треба да се откажеме од тоа дека во неизвесни времиња мораме да ги негуваме и да ги браниме книгите како симбол на надеж и дијалог и како креативно осовременување на светот како патоказ. Новите технологии нека станат добри слуги. И како такви нека послужат во пренесување на пораката до младите дека приказната се чита. Во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата – рече Костадиновска-Стојчевска.
Даниела Глигоровска, управител на Скопски Саем во своето обраќање денеска напомена дека за време на саемските денови ќе понудат многу забава и дружење, весели моменти со омилени книги, автори, но и нови авантури испишани на страниците на новите книги со кои сите посетители ќе заминат од тука.
– Со отворањето на вратите на Арената официјално е отворено уште едно поглавје на 36-годишната приказна на Саемот на книга, која продолжува да не инспирира и да ја храни нашата љубов за книгите и зборовите – рече Глигоровска.
Писателката Фросина Пармаковска во своето обраќање денеска пред официјалното отворање на Саемот, рече дека за љубителите на пишаниот збор, Саемот на книга секогаш е вистински празник.
-Веќе илјадници пати сме слушнале дека јазикот е нашата татковина. Книгата на мајчиниот јазик е богатството на таа татковина. Но, што значи оваа преширока формулација за нас писателите? Таа татковина најизразено се протега во нашите книги, а тоа значи внатре во нас и надвор од нас, во нашата физичка татковина, но и во светот, во искуствата што ги собираме и складираме во теглички и отворајќи ги, ни ги открива најубавите вкусови и мириси. Таа татковина е во доцните ноќни часови каде што на најмагичниот начин низ страниците комуницираме со нашите читатели, Таа е соба со кауч пред психијатар кој мудро извлекува цели потонати градови од најголемите длабочини – рече Пармаковска.
Таа, како што додаде, е од генерациите што израснале со магијата на книгата, но кои примијле богато книжевно наследство од книжевните предци, основоположниците на современата македонска литература.
– Како писатели денес со тоа наследство автоматски ја добивме одговорноста прво да го зачуваме, да го промовираме, а истовремено да создадеме нови трендови и писанија кои ќе сведочат за нашето време, за нашите предизвици, за нашата реалност која што сега и овде ја живееме – рече Пармаковска.
Саемот на книга ќе биде отворен за посетители до 24 април, под мотото „Приказна се чита“.
Comments