„Книга за Петре“ – дело во кое Петре М. Андреевски оживува преку 19 раскази
27.06.2024 juni Cetvrtok
„Со објавувањето на ‘Книга за Петре (Сите лица на расказот)’ македонската литература доби несекојдневна, необична и единствена книга. Легендарниот македонски писател Петре М. Андреевски во оваа книга е лик кој оживува во 19 различни раскази, напишани од 19 творци… Извишувајќи се над биографските детали за Петре, она што останува трајно, е неговото книжевно дело и денес, 90 години по неговото раѓање. Македонските писатели низ книгата му ја искажуваат својата почит, ставајќи го во своите раскази“, посочи меѓу другото академик Влада Урошевиќ, кој на промоцијата на ова дело во МАНУ се осврна и кон пријателството и соработката со Петре М. Андреевски. Тој ја истакна неговата посебност и величина и како писател и како личност.
„Ми се чини дека малкумина од нив го знаеле Петре, некои некогаш го виделе од далеку, а некои можеби го знаат само по неговите книги. По волја на судбината, јас тука сум еден од ретките што може да каже дека бил пријател со Петре, оние што седеле наспроти него, зборувале со него, се согласувале или не се согласувале, го гледале в очи… А тие што го погледале в очи знаат дека Петре беше бележан од природата или од боговите. Покрај својата исклучителност како автор имаше и телесна потврда дека е единствен, тој имаше ретка појава (хетерохромија), едното око му беше кафеаво, а другото зелено, метафорично речено, тоа што тој го гледаше и пренесуваше во својата поезија и проза блескаше и се прелеваше како ковчег со скриено азно, се вееше како виножито… На чудесен, само за него својствен начин секогаш го гледаше тоа што се одигруваше околу него, како дете кое го гледа светот низ шарена џамлија“, рече Урошевиќ во своето обраќање.
Венко Андоновски, кој е автор на еден од расказите во книгата, во своето обраќање сподели повеќе анегдоти поврзани со неговото познанство со Петре М. Андреевски, нагласувајќи дека, покрај тоа што бил перфекционист, со високи критериуми за тоа што тој ќе го напише и ќе го објави, великанот на македонската книжевност бил критичен и кон авторите после него, и кон него.
Автори на прозните посвети во „Книга за Петре“ се еминентни македонски писатели: Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Гордана Михаилова Бошнакоска, Димитрие Дурацовски, Томислав Османли, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева, Венко Андоновски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Владимир Јанковски, Бранко Прља, Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски, Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Хана Корнети. Книгата е приредена од Оливера Ќорвезироска.
„Го славиме раскажувањето на Петре М. Андреевски на личен, автентичен начин, со специјални раскази за оваа пригода, кои имаат различни и комплексни врски со Петре и со неговото книжевно писмо. Сите 19 раскази, повеќе или помалку, повидливо или поневидливо, се поврзани со конкретни зборови, романи, раскази или песни на Андреевски. Чествувајќи го Петре, расказите истовремено го чествуваат и нашиот заеднички, еден и единствен мајчин јазик – македонскиот…“,
рече меѓу другото Ќорвезироска. Корицата и внатрешните илустрации на разделниците на оваа книга, која е во издание на Арс Ламина, се дело на познатиот сликар Сергеј Андреевски, син на Петре М. Андреевски.
Петре М. Андреевски (25.6.1934, с. Слоештица – 25.09.2006, Скопје) е поет, прозаист, драмски автор, литературен критичар и преведувач, кој со својот многудецениски опус афирмира творештво што го вбројува во најзначајните и најистакнати современи македонски писатели, чии дела – а особено стихозбирката „Дениција“ и романот „Пиреј“ – стануваат општопризнаени дострели на македонската современа книжевност.
Comments