Книга „1.200 молитви“ за роденденот на Тоше
25.01.2022 januari Vtornik
Денеска, кога во целиот регион обожавателите на Тоше Проески го одбележуваат неговиот роденден, во неговото родно Крушево ќе биде промовирана книгата „1.200 молитви“, во која се наоѓаат исто толку песни напишани за нашата најголема музичка ѕвезда. Издавач на книгата е „Дата песнопој“ од Битола, а уредник на изданието е Маријана Митревска, која живее и твори во Ресен, а по професија е медицинска сестра и техничарка по очна оптика. Нејзините песни се наградувани во Македонија, но и во светот. Таа ни откри дека Тоше е нејзина голема инспирација и поттик да издаде две свои книги, „Сите мои песни“ за возрасни и „Учиме со песна“ за деца, која ја подарува за дечињата без родители и во центрите за деца со посебни потреби во Крушево, Битола и во Ресен. – Во меморијалниот центар „Тодор Проески“ денеска ќе го промовираме изданието посветено на нашиот ангел, во чија подготовка учествував од првичната идеја до конечната реализација. Имав голема поддршка од обожавателите на Тоше, цело време ми помагаа да ги пронајдам авторите што пишувале и објавувале песни за него од 2007 година. Имав финансиска помош и од Македонци што живеат надвор од земјава. За насловот „1.200 молитви“ ме инспирира песната „1.200 милји“, која Тоше своевремено ја отпеа со пејачката Гоца Тржан – вели Митревска. Планирано е на денешната промоција да има поетско читање со поети што се застапени во книгата и изведба на песни од Тоше. Организирана е и изложба на уметници што испратиле портрети на Тоше до 20 јануари/ Предговорот за ова уникатно дело го напиша познатиот македонски писател Венко Андоновски, а го наслови „Мозаикот на душата на Тоше“.
– Кога пред извесно време ми се јави Маријана Митревска, наша млада и даровита поетеса, и кога ми образложи дека има намера да прави издавачки мегапроект посветен на Тоше Проески, без да размислувам, прифатив да срочам едно воведно слово. Без размислување, зашто моите емоции се она што ме врзува за Тоше. Никаков рационален однос кон него ниту сум имал додека како ангел ни пееше од највисоките ридови на негово Крушево, ниту потоа, кога остана да ни пее само од небесата, скриен зад облаците. Овој голем хуманитарен и хуманистички чин што го поведува Маријана Митревска ми го топли срцето: тоа е можеби најубавиот начин да му кажеме на Тоше, што нѐ приѕира од зад облаците, дека ние сме тој и тој сме ние – вели Андоновски во предговорот. Тој напиша и роман за Проески, „Ќерката на математичарот“, но таму не го користи неговото име. – Нема потреба, сите го препознаа ликот. Тој роман ја доби и наградата на Друштвото на писателите, „Стале Попов“. Писателите препознаа за кого пишувам и му оддадоа почит на Тоше. Сега, не знам зошто, овие 1.000 и кусур песни за Тоше ги доживувам како продолжение на тој мој роман. Светогорските старци велат: божјото зрно го има во секого од нас. И ако толку многу души од Балканот стануваат една пеејќи за Тоше, не можам да не кажам: сите тие го слават Бога. Тоше ја исполни својата мисија: илјадници луѓе сега пеат наместо него, во слава на Господа и Човекот со големо „ч“ – вели Андоновски. А на промоцијата насловена „Ангел си ти“, освен домашни автори, ќе присуствуваат и поетеса од Хрватска и обожаватели од Бугарија и од Србија. – Некои од нив ќе ги читаат песните, а други ќе бидат во публиката. Книгата има 1.240 страници и фотографии во боја. Отпечатена е во 100 примероци, а цената е 2.460 денари. Парите од продажбата на книгата ќе се донираат за доизградба на манастирот „Свето Преображение“, кој сите го викаме манастирот на Тоше -најавува Митревска. Таа дополни дека секој поет пишува на свој јазик. Застапени се 90 поети од Македонија и дваесетина од Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина. По неколку песни се на обожаватели на Тоше од Австрија, Белгија, Русија, Индија, Канада.
Роденденска поштенска марка со ликот на Проески
АД „Пошта на Северна Македонија“ по повод роденденот на Тоше Проески, 25 јануари, започнува акција „Во чест и сеќавање на Тоше“, преку која може да купите поштенска марка, ФДЦ-коверт, максимум карта и масовен коверт. Филателистичките производи ќе може да се нарачаат онлајн, преку електронската продавница www.postashop.mk. – Поштенските марки се вечен паметник. Таква е и поштенската марка посветена на Тоше Проески, која Поштата ја издаде во чест на нашата најголема музичка ѕвезда. Марката (фотографија на Дарко Мораитов) за првпат во историјата на Македонија е испечатена во еден милион примероци, со номинална вредност од 12 денари. Оваа марка, која беше промовирана на 15 декември 2007 година, патува низ светот како што патуваат и неговата музика и неговата песна – велат од „Македонска пошта“.
Comments