Клубовите ги пријавија тимовите во трката по трофејот во ЛШ
ФУДБАЛ
Сите 32 клуба што ќе учествуваат годинава во Лигата на шампионите (ЛШ) ги пријавија во Европската фудбалска унија (УЕФА) составите со кои ќе настапат во групната фаза, објави УЕФА на својата интернет-страница. Секој клуб достави две листи на фудбалери. Списокот А треба се достави до УЕФА до 2 септември, а листата Б мора да се достави најдоцна до полноќ по средноевропско време еден ден пред секој натпревар. Играч што настапил во прелиминарната рунда, или во првото, второто или во третото квалификациско коло, или во баражот за пласман во Лигата на шампионите, Лига Европа или Конференциска лига има право да игра во ЛШ, Лига Европа или Конференциска лига за друг клуб од групната фаза, пишува УЕФА. Ниту еден клуб не може да има повеќе од 25 играчи на листата А во текот на сезоната, од кои најмалку двајца мора да бидат голмани. Како минимум, осум од тие 25 места се резервирани исклучиво за „локално обучени играчи“. Ако еден клуб има помалку од осум локално обучени играчи во својот тим, тогаш максималниот број на играчи на листата А се намалува соодветно. Клубовите имаат право да регистрираат неограничен број играчи на листата Б во текот на сезоната, но списокот треба да се достави најдоцна до полноќ по средноевропско време, еден ден пред натпреварот. Клубовите може повторно да ги сменат своите состави сезонава, пред почетокот на нокаут-фазата. Во пресрет на осминафиналето, до 24 часот по средноевропско време на 2 февруари, клубовите може да пријават најмногу тројца нови играчи. Вкупната граница од 25 играчи на листата А останува, заедно со квотата од осум локално обучени играчи.
Comments