Кијану Ривс ги почести пријателите и тимот со платено патување за премиерата на новиот „Матрикс“
Познато е дека Кијану Ривс е една од најдарежливите и најскромните ѕвезди во Холивуд. 57-годишниот канадски актер уште еднаш ја покажа својата великодушност кога тивко и без помпа ги почести своите пријатели, членовите на тимот и соработниците со платено патување на премиерата на „Матрикс: Воскреснувања“ во Сан Франциско минатиот месец. Иако никому не се пофали дека ќе ги плати сите трошоци на поканетите, таблоидите дознале за убавиот гест. Прашан од „Холивуд репортер“ за патувањето, Кијану, со својата препознатлива скромност, рече: „Да, прекрасно е да можеме да ги споделиме нашите искуства и заеднички живот.“ Актерот роден во Либан, кој ретко зборува за неговите несебични гестови, не елаборираше дополнително на темата. Сепак, Чед Стахелски, кој го запозна Киану кога тој беше негов каскадер во трилогијата „Матрикс“, а потоа му беше и режисер во „Џон Вик“ од 2014 година, го потврди великодушниот чин. „Нè донесе цела група овде“, изјави Чед за THR на премиерата во театарот Кастро. „Тој е неверојатно дарежлив. Во публиката вечерва ќе има толку многу луѓе кои му помогнаа, од неговите тренери за боречки вештини до тренери за џиу-џицу, тие што му правеа косата и го шминкаа, до неговиот тим каскадери“, додаде Чед. „Тој сака неговите пријатели и семејството да се тука. Тој човек е епски.“
Comments