top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Китинов: Забраните ја направија трката неправедна кон Ѓоковиќ, но нејзината неизвесност нема наскоро

Китинов: Забраните ја направија трката неправедна кон Ѓоковиќ, но нејзината неизвесност нема наскоро да се повториЕдно од најголемите спортски ривалства на денешницата не доби ново поглавје во Њујорк, откако на САД опен изостана ново соочување помеѓу тениските соперници Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал во нивната беспоштедна борба за гранслем-трофеите.

Ѓоковиќ не доби дозвола да учествува на последниот гранслем-турнир годинава поради прописите во САД кои не дозволуваат влез во државата за невакцинирани странци, па така го помина летото со вишок слободно време што го искористи за да ги следи натпреварите на српската кошаркарска репрезентација во Љубљана, Белград и во Истанбул, во пресрет на Европското првенство. Надал пак, испадна неочекувано рано во Њујорк, во походот на рекордниот 23-ти гранслем-трофеј на кој тргна измачуван од повреди. А 41-годишниот Роже Федерер не учествуваше поради повреда, која повеќе една година го оддалечува од тениските терени. На тој начин, во четврт-финалето во Њујорк немаше претставник на т.н. „голема тројка“ што ја сочинуваат Надал, Ѓоковиќ и Федерер, за првпат уште од 2003 година.

Ваквата ситуација отвори прашања за создавање на нова ера во белиот спорт со надоаѓањето на генерацијата на талентирани помлади тенисери, но и за можно обесмислување на трката за најдобар на сите времиња бидејќи Ѓоковиќ моментно не е во можност да се натпреварува рамноправно. Прославениот македонски тенисер Александар Китинов, кој учествуваше на сите четири гранслем-турнири во конкуренција на двојки, смета дека ривалството помеѓу „големата тројка“ нема наскоро да биде повторено, без разлика кој од нив ќе биде сметан за најдобар на сите времиња. Китинов кој сега е тренер, беше специјалист за игра во двојки, освојувајќи три АТП-турнири во својата кариера (Базел, Борнмут и Букурешт) додека играше во уште четири финалиња. Во мешани двојки, тој го постигна најголемиот успех во 1998 година, кога заедно со Ева Мелихарова од Чешка играше во четврт-финалето на Австралија опен, против чешката двојка Хелена Сукова и Кирил Сук.

– Без разлика кој од „големата тројка“ ќе ја освои престижната титула „ГОАТ“ (кратенката „ГОАТ“ претставува неформален термин за најдобар на сите времиња според англискиот израз Greatest of all time – н.з.), мислам дека долго време нема да се достигне и повтори ваква неизвесна трка од некоја од идните генерации – смета Китинов.

Според него, трката моментно е неправедна кон Ѓоковиќ поради забраните за настап на Австралија опен и на САД опен, што произлегоа од одбивањето на српскиот тенисер да се вакцинира против ковид-19. Сличен став изрази и легендарниот поранешен тенисер и аналитичар на „Евроспорт“, Матс Виландер, истакнувајќи дека трката за најдобар на сите времиња е обесмилена бидејќи на Ѓоковиќ не му е дозволено да игра.

– Трката за Ѓоковиќ моментно е неправедна поради забраните за настап Австралија опен и САД опен, но мислам дека на публиката ѝ е интересно да се види дали и како тој ќе се избори со сите овие препреки – додава Китинов.

Александар Китинов/Фото: Приватна архива

Тековното издание на САД опен понуди неколку возбудливи дуели иако љубителите на тенисот останаа ускратени за евентуален нов дуел помеѓу Ѓоковиќ и Надал. Големо внимание привлекоа осминафиналната победа на Френсис Тиафо над Надал со 3-1 во сетови и триумфот на Карлос Алкараз над Јаник Синер во пет сета, по пет сета и 15 минути игра во четврт-финалето. Извесно е дека САД опен ќе добие нов шампион откако полуфиналните двојки ги сочинуваат Kаспер Руд – Карин Качанов, односно Тиафо – Алкараз.

– Неиграњето на Ѓоковиќ на САД опен ќе биде актуелна тема првите неколку дена на турнирот, а потоа љубителите на тенисот ќе се фокусираат на тенисерите кои ќе влезат во трката за титула. Не верувам дека неиграњето на Ѓоковиќ ќе влијае на гледаноста и интересот за турнирот – вели Китинов.

Во турбулентната тениска сезона значително е сменет и поредокот на АТП и ВТА-листите што се должи на оспоруваната одлука на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), според која учесниците на Вимблдон не добија поени како одговор на забраната на гранслем-турнирот за натпреварување на тенисерите од Русија и од Белорусија. Во 2020 година, пак, привремено беше усвоен нов систем на бодување поради пандемијата на ковид-19, откако рангирањето беше замрзнато на одредено време. Китинов го критикува сегашното рангирање како неправедно за тенисерите што не се во најтесна конкуренција за трофеите.

– Системот за „небодување“ воведен со пандемијата на ковид, мислам дека не им влијае само на најдобрите, бидејќи тие се борат за титули. Неправедно е за останатите, бидејќи со еден пробив до завршница или финале на турнир не се добиваат голем број на поени, а со тоа немаат напредок на ранг-листите – посочува Китинов.

Според бројките и пресметките на специјализираниот сајт „Ултимејт тенис статистик“ првата позиција на ГОАТ-листата ја има српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ со 987 бода, пред Швајцарецот Федерер кој има 930, а трет е Шпанецот Надал со 885. Рафаел Надал моментно има 22 гранлем-трофеи, еден повеќе од Ѓоковиќ, односно два од Федерер.

Горди сме што имаме тенисери како Лина и Калин

Младиот Калин Ивановски на 17-годишна возраст го сврте вниманието кон себе и покажа дека Македонија има тениски талент, со пласманот во четврт-финалето во јуниорска конкуренција на годинашниот гранслем-турнир Вимблдон. Лина Ѓорческа, пак, неодамна стигна до финалето на турнир во чешки Оломуц, со што забележа напредок од триесетина места на ВТА-листата.

– Честитки за Калин, за добрата игра и добрите резултати што ги остварува на јуниорските грамслемови и освојувањето на АТП-поени. Горди сме што имаме тенисери како Лина Ѓорческа и Калин, тие се светла точка на македонскиот тенис, бележат значајни успеси и резултати и се одлична мотивацијата и пример за нашите идни тениски надежи – порача Китинов.




1 view

Comments


bottom of page