Кинематограферот на „Амели“, Бруно Делбонел, доаѓа во Битола
08.07.2024 juli Ponedelnik
Во пресрет на јубилејниот 45. „Браќа Манаки“
Оваа година, од 21 до 27 септември, во Битола ќе се одржи јубилејното 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, најави директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски, соопштувајќи го и годинашниот лауреат на наградата за животен опус „златна камера 300“ – истакнатиот француски и светски кинематографер Бруно Делбонел, кој станува нов член во Клубот на великаните на „Браќа Манаки“.
– Изодувајќи го патот од лауреат на „специјалната златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност што фестивалот „Браќа Манаки“ му ја додели во 2011 година, по 13 години Делбонел им се придружува на светските кинематограферски великани, сега закитен со „златна камера 300“ за животен опус – велат организаторите на фестивалот.
Роден е во 1957 година во Нанси, Франција. Студирал филозофија на „Сорбона“, а дипломирал во 1978 година на ЕСЕЦ, популарна и ценета школа за кинематограферски студии во Париз. По дипломирањето, Делбонел пројавил афинитет и кон режија, па во 1989 година го режира долгометражниот документарен филм „Големиот циркус“, но потоа ja продолжува својата кариера како кинематографер, создавајќи завиден опус во соработка со многумина значајни француски и светски режисери. На почетокот на кариерата, како самостоен кинематографер снима два кратки филма за сценаристичко-режисерскиот тандем Марк Каро – Жан Пјер Жене и ова искуство ќе се покаже како решавачко, особено во подоцнежната соработка со Жене, кому во 1984 година му го снима краткиот игран филм „Нема одмор за Били Брако“. Во 1993 ќе дебитира со целовечерен игран филм, а со Жене станува повторно партнер во нивните две антологиски дела, за кои Делбонел ги доби првите две од вкупно шест номинации за „оскар“: „Амели“ (2002) и „Многу долга венчавка“.
– Во 2001 година, пред да дојде до номинацијата за „оскар“, на фестивалот во Карлови Вари, филмот „Необичната судбина на Амели Пулен“ го освои „кристалниот глобус“. Во аналите на овој фестивал, тоа останува како најголемо откритие на дело од француската кинематографија, а организаторите на Кан ги остава разочарани поради сторениот превид, бидејќи пропуштиле тие да го лансираат овој антологиски авторски филм, кој важи и за еден од најкомерцијалните. Делбонел со „Амели“ на 44 години достигнува светска слава и во овој филм креира визуелно маестрално ремек-дело, рефлектирајќи го бајковитиот, обично-необичен свет на Амели – велат организаторите..
Во 2002 година за „Амели“ ги доби и номинациите за „бафта“ и „цезар“, а ја освои наградата на ЕФА за најдобар европски кинематографер. По овој голем успех, тандемот Делбонел – Жене ја повтори плодната соработка и во следниот извонреден филм – историската љубовна драма од Првата светска војна – „Многу долга свршувачка“, за која во 2005 г. Делбонел ја освои втората номинација за „оскар“. Третата номинација за „оскар“ за Делбонел дојде во 2010 година за еден од визуелно најефектните филмови од серијалот за Хари Потер, неговото шесто продолжение во режија на Дејвид Јеијтс. Делбонел ја издигнува оваа креација на ниво на визуелно ремек-дело во изразот.
Следните три ремек-дела во опусот на Делбонел закитени со номинација за „оскар“ се: „Внатре во Левин Дејвис“ (2014), „Најмрачен час“ (2018) и „Трагедијата на Магбет“ (2022). По соработката на нивниот краток игран филм „Тилери“ во 2006 (сторија од серијалот „Париз те сакам“), Делбонел го сними и целовечерниот игран филм на браќата Коен, „Внатре во Левин Дејвис“. Во него, Делбонел ја слика мрачната егзистенцијална драма на младиот кантавтор на фолк-музика Левин Дејвис. Петтата номинација за „оскар“ Делбонел ја доби во 2018 година за креацијата во историската драма „Најмрачен час“ во режија на Џое Рајт. Актерот Гери Олдмен за улогата на Винстон Черчил во овој филм беше награден со „оскар“. Потоа, во 2021 година Делбонел повторно соработува само со едниот од браќата Коен на филмот „Трагедијата на Магбет“, за кој следната година ја освои последната од шесте номинации за „оскар“. Во насловната улога на оваа најнова екранизација на антологиската трагедија на Шекспир играат Дензел Вашингтон и Френсис Мекдорманд. Во сите три понови филмови номинирани за наградата, Делбонел ја применува доку-играната визуелна структура својствена за неговите претходни дела, но со историски карактеристики на различни поднебја и периоди.
Делбонел ќе го збогати својот опус и низ соработката со плејада други истакнати светски режисери, како Питер Богданович во „Мјаукот на мачката“ (2000), со рускиот режисер Сокуров го сними „Фауст“ (2011), кој освојува „златен лав“ во Венеција, и „Франкофонија“ (2014). Со Тим Бартон соработува во три наврати, речиси едноподруго. Во 2012 година тој го снима неговиот готски хорор „Мрачни сенки“, во 2013 година соработуваат на сродниот „Големи очи“ и во 2016 година го реализираат „Домот на госпоѓица Перегрин за чудни деца“. Со браќата Коен одново соработува во 2018 година, во пародиската вестерн-комедија во нивен дух – „Баладата за Бастер Скрагс“, а најновата соработка од тековнава 2024 година му е со Вес Андерсон на неговиот најнов филм „Феникиска шема“ (2024, во постпродукција), со кастинг од соништата: Бенедикт Камбербач, Том Хенкс, Скарлет Јохансон, Бил Мареј, Бенисио Дел Торо и Шарлот Генсбур.
Во 2019 година, Бруно Делбонел бил назначен за шеф на кинематограферскиот отсек на Прочуената париска филмска школа, „Ла феми“, за да ги пренесе своите професионални кинематограферски искуства и знаења на новите генерации студенти и идни кинематографери. Оваа година се очекува на фестивалот да присуствуваат досегашни добитници на наградата „златна камера 300“ за животно дело во чест на јубилејното 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. В.Д.
Comments