Кејт Мидлтон повторно е прогласена за најдобро облечена жена во Велика Британија
- Aleksandar Santovski
- Jul 31
- 2 min read
31.07.2026 juli Petok
Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, повторно ја понесе титулата најдобро облечена личност во Велика Британија, според традиционалната годишна листа на британското списание „Татлер“, објави „Индепендент“.
Четириесет и четиригодишната Кејт и претходно беше на врвот на оваа листа, во 2022 година, а годинава повторно ја освои првата позиција благодарение на своите впечатливи модни изданија и успешното враќање на јавната сцена.
Списанието ја опиша како „најелегантната личност во Велика Британија“, истакнувајќи дека по борбата со ракот повторно станала модна инспирација.„Повторно е здрава и повторно е британска модна хероина, чии стилски избори ги осветлуваат кралските настани“, наведува „Татлер“.
Во текот на годинава Кејт привлече големо внимание со неколку модни комбинации. На коњичката трка Ројал Аскот се појави во впечатлив жолт фустан со шешир во иста боја, на традиционалната роденденска воена парада на британскиот монарх, носеше светлосин комплет со бели детали, додека на финалето на машкиот турнир на Вимблдон се појави во елегантен тревнозелен фустан.
На второто место на листата се најде докторката и креаторка на содржини за здравје д-р Раџ Арора, додека третопласирана е британската атлетичарка Теми Ојора.
Највисоко рангираниот маж е актерот Едвард Блумел, кој го освои четвртото место благодарение на својот стил инспириран од модата на деведесеттите.
Петтата позиција му припадна на Ѓин Липа, брат на поп-ѕвездата Дуа Липа, кој доби пофалби за своите модни комбинации на забавата по овогодишните Брит награди.
Меѓу најдобро облечените се најдоа и актерката Хана Дод, позната по улогата во серијата „Бриџертон“ (Bridgerton), телевизиската продуцентка и писателка Џемајма Кан, покровителката на уметноста Батија Офер, како и Валентина Пино, ќерката на актерката Салма Хајек и францускиот милијардер Франсоа-Анри Пино.
Целосната листа на 25 најдобро облечени личности ќе биде објавена во септемвриското издание на списанието „Татлер“, кое ќе биде достапно од 6 август.






Comments