Кери Малиган ќе игра во филм за скандалот со Харви Вајнстин
Updated: Jun 9, 2021
08.06.2021 Juni Vtornik
Првиот холивудски игран филм кој се фокусира директно на скандалот со Харви Вајнстин треба да почне со продукција на лето, соопшти во понеделникот „Јуниверзал пикчрс“. She Said („Таа рече“) се базира на истоимената книга од 2019 година за истрагата на „Њујорк тајмс“ за тврдењата за сексуално вознемирување и напади од страна на озлогласениот продуцент. Кери Малиган и Зои Казан се во завршни преговори да ги глумат двете новинарки – Меган Твохи и Џоди Кантор – кои ја напишаа книгата и добија Пулицерова награда за нивното известување во октомври 2017 година за оваа сторија. Околу 100 жени, кои со децении соработувале со Вајнстин како продуцент, го обвинија за силување, сексуално вознемирување и заплашување откако првичните наводи се појавија во „Њујорк тајмс“ и „Њујоркер“. Вајнстин, кој негираше дека имал неконсензуален секс, беше осуден во Њујорк во март 2020 година на 23 години затвор за силување и сексуален напад врз две жени. Книгата „Таа рече“ ги следи повеќемесечните истраги и правните пречки со кои се соочуваа двете новинарки за да ги објават своите извештаи. Иако скандалот со Вајнстин, една од најмоќните фигури во Холивуд, беше тема на неколку документарни филмови и ТВ-емисии како „Асистент“ и „Утринско шоу“, „Таа рече“ е првиот долгометражен филм заснован врз тврдењата против продуцентот. Филмот ќе го режира Германката Марија Шрадер.
Comments