top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Кевин Спејси се враќа на големото платно во средновековна историска драма

Пет години откако Кевин Спејси беше буквално исфрлен од филмот „Сите пари на светот“ на Ридли Скот, но и од серијата „Куќа од карти“, славниот актер повторно ќе има улога во високобуџетен филм.

Оскаровецот за филмот „Американска убавина“ планира да се појави во филмот „1242 – порта на Западот“, неговиот најголем проект од 2017-та, година во која се појавија обвинувања за сексуално вознемирување на сметка на овој некогаш многу сакан холивудски актер.

Станува збор за историска драма за Бату-хан, внук на Џингис-хан, кој бил на чело на западниот дел на Монголската Империја на средината на 13 век. Тој постигнал големи воени победи во борбите против Персијците и Кинезите, по што добил задача да ја прошири територијата на Монголската Империја на Стариот Континент. Во филмот, Спејси го игра кардиналот Цезарион, кој добил задача од папата да стигне до унгарската тврдина Естергом и да помогне во одбраната на христијанската цивилизација од напаѓачите од Азија.

Другите улоги во филмот ги толкуваат ветераните Ерик Робертс, Кристофер Ламберт и Теренс Стамп, како и младите надежи Џеневив Флоренс и Џереми Њумарк-Џонс. Филмот „1242 – порта на Западот“ ќе почне да се снима во Унгарија и Монголија во октомври оваа година, а режијата му е доверена на Петер Шуш.


2 views

Comments


bottom of page