top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Кајмак“ ќе се гледа во цела Јужна и Средна Америка и на Карибите

Филмот „Кајмак“, на нашиот најтрофеен режисер Милчо Манчевски, ќе се гледа во цела Јужна Америка, Средна Америка и на Карибите. Продажниот агент, Левел К од Копенхаген го продал македонскиот филм за дистрибуција на 40 земји од западната хемисфера – од Аргентина, Бразил и Мексико до Јамајка, Аруба, Барбадос; од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана и Ст. Китс и Невис. Најгледаниот филм во Македонија лани – „Кајмак“, е веќе продаден во повеќе европски земји, а понатамошниот процес на пласман е во тек.

Филмот ќе биде прикажан на оригиналниот, македонски јазик, со титлови на јазиците на земјите во кои се прикажува.

Инаку, „Кајмак“, кој е седмиот филм на Манчевски, е црна комедија и критика на малограѓанскиот морал и на илибералните тенденции во општеството. Тој беше прикажан на филмските фестивали во Бари, Белград и Софија, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и многубројни написи во локалните медиуми. Филмот неодамна беше и награден на фестивалот „Фантаспорто“ во Португалија, а светската премиера ја имаше на фестивалот во Токио.

Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција, поддржана од „Еуримаж“, главните улоги ги толкуваа: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски.

Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг директор е нашата Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Иан Прајор.


2 views

Comments


bottom of page