top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Кајмак“ на Милчо Манчевски со светска премиера на Филмскиот фестивал во Токио

– Се обидувам да правам глокални филмови, кои се и глобални и локални во исто време. „Кајмак“ е црна комедија, безобразна трагедија што се случува во денешно Скопје, но може да се случува каде било. А актерите се на светско ниво. Мотото на филмот е „За танго се потребни тројца“ – рече режисерот Милчо Манчевски на денешната прес-конференција на која ја најави светската премиера на своето најново остварување. Македонската премиера на филмот е предвидена за средината на ноември

Филмот „Кајмак“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски ќе ја има својата светска премиера на 35. Интернационален филмски фестивал во Токио, кој ќе се одржува од 24 октомври до 2 ноември. Седмото остварување на Манчевски ќе се прикаже во главната конкуренција на фестивалот, кој е од А-категорија, со што ќе се натпреварува за фестивалските награди, а првата проекција е закажана за 26 октомври.

– „Кајмак“ е во официјалната конкуренција на фестивалот, значи е во трката за награди. Последниве години, во Токио, компетицијата е меѓународна, иако на почетокот на овој фестивал можеше да се натпреваруваат само азиски филмови. Претседателка на жирито е американската режисерка Џули Тејмор – рече на денешната прес-конференција режисерот Милчо Манчевски.

Како што истакна тој, втората проекција на филмот во Токио ќе биде на 29 октомври, а е закажана и трета. Прес-проекцијата, пак, е предвидена за 27 октомври, за кога е закажан и мастер клас на Манчевски за јапонските студенти.

– Првпат кога бев во Токио и го држев в раце „Златниот лав“ од Венеција на Куросава (за „Рашомон“), видов дека дизајнот на „Лавот“ се разликува од мојот. Организаторите во Венеција ја промениле формата на трофејот во тие 30-ина години што поминале. Сега одам да проверам дали е сè во ред со „Лавот“ од Токио – се пошегува Манчевски.

Прашан за темата на „Кајмак“, кој се снимаше минатото лето во Скопје, реномираниот македонски режисер истакна дека секој филм поаѓа од локално тло, односно секоја уметност поаѓа од локален извор.


– Секој добар филм ја содржи ДНК-та на местото, на културата од каде што доаѓа, меѓутоа може да се ужива, да се препознае и да се разбере секаде во светот. Особено филмот кој има универзален јазик. И мислам дека е прашање на умешноста на авторот и на самата тема дали тие ќе бидат универзално препознаени или не. Се обидувам да правам глокални филмови, кои се и глобални и локални во исто време. За среќа, засега ми поаѓа тоа од рака. „Кајмак“ е црна комедија, безобразна трагедија што се случува во денешно Скопје, но може да се случува каде било. А актерите се на светско ниво. Мотото на филмот е „За танго се потребни тројца“– дополни Манчевски.

За македонскиот продуцент Јане Ќортошев, пак, со прикажувањето на фестивалот во Токио, кој е еден најголемите во Азија, но и во светот, филмот добива еден прекрасен старт за својот живот.

– Сигурен сум дека „Кајмак“ ќе има богат фестивалски живот, но многу брзо ќе си го донесеме и во Македонија – рече тој.

Сцена од „Кајмак“

Бојан Лазаревски, директор на македонската Агенција за филм, смета дека со самата премиера на филмот во Токио ќе ѝ се даде дополнителна вредност на македонската кинематографија.

– Се надевам дека ќе продолжиме да твориме во духот на македонската култура и ќе ја претставуваме низ светот. Македонската кинематографија е рамо до рамо со европската, но на овој начин гледаме дека за македонскиот филм нема граници – истакна Лазаревски.

На средбата со новинарите присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Таа посочи дека светската премиера на „Кајмак“ е голем успех за македонската кинематографија. Потсети и дека во 1995, Јапонија за првпат се запознала со македонскиот филм преку „Пред дождот“, а Манчевски е првиот македонски автор кој ги пробил границите за македонскиот филм во Азија.

– Светот дозна за Македонија преку неговите филмови. Тие ги пренесоа на сите континенти, во стотина земји, убавините на нашата земја, ама уште поважно – вредноста на македонската култура и македонскиот јазик – рече Костадиновска- Стојчевска.

Како што истакнуваат од продукцијата, „Кајмак“ прикажува две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот, а Манчевски дава безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и е апотеоза на индивидуалната слобода.

Сцена од „Кајмак“

Во филмот, кој е и по сценарио на Манчевски, улогите ги толкуваат: Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ.

Филмот е копродукција меѓу Македонија (Агенцијата за филм обезбеди 48 отсто од буџетот), Данска, Холандија и Хрватска и европскиот фонд „Еуроимаж“, кои учествуваат со 52 отсто. Македонски продуцент на филмот е „Банана филм“. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографијата е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга, дизајнер на звукот – Херман Пиете, кастинг-директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на култниот Дејниш стринг квартет, а дополнителната музика – на Игор Василев-Новоградска. Македонската радио телевизија е копродуцент.

Македонската премиера на филмот е предвидена за средината на ноември. (Н.И.Т.)






1 view

Comments


bottom of page