top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Кајмак“ – во потрага по среќа преку лична слобода, македонска премиера на седмиот филм на Манчевски

Приказната во „Кајмак“ режисерот Милчо Манчевски ја води преку неколку ликови, кои се во потрага по среќа и ги живеат своите животи секој според своите можности. Нивната потрага по среќа, Манчевски ја прикажува преку ослободување од општествените стеги и искажување на индивидуалната слобода. И иако мотото на филмот е „За танго треба тројца“, сепак, на крајот, некако како за среќа да се потребни двајца… или пак, кој како си милува…

„Кајмак“, седмото остварување на режисерот Милчо Манчевски, со гала-премиера што се одржа синоќа во македонската Филхармонија и на која присуствуваа претставници од културната и политичката јавност во нашата земја го започна своето претставување пред македонската јавност. Филмот веќе од денес може да се види во киносалите во 30 градови во Македонија, вклучително и Скопје.

Во „Кајмак“, Манчевски го прикажува Скопје узурпирано од градежната мафија, во кое реално не остана речиси празна локација, а зеленилото постои само во ветувањата на политичарите. Тоа наликува на дива и натрупана населба во која нема можност ни за базичен проток на луѓе и автомобили. И во едно такво „елитно“ маало, новоизградените згради се на еден ѕид со трошните субурбани куќички кои наликуваат на јужноамериканска фавела. А тука, заедно, и буквално едни до други живеат и градските снобови и „обичните сељачишта“. И оние успешните и оние кои заработуваат само за леб, сите едни на други си дишат во врат, го дишат истиот загаден воздух, и сите сакаат да лижат кајмак, иако некои имаат само за бурек… И токму тука, кога си пукаш во сопствената глава, можеш лесно да го погодиш и комшијата…

Наспроти урбаната слика, Манчевски ја дава идилата на селото, каде што животот тече полека, по својот тек и со своите приказни и митови, и каде погледот на живописниот македонски предел ти ја полни душата. Карактеристичен визуелен печат за филмовите на Манчевски.

Сепак, приказната во „Кајмак“, Манчевски, кој е и сценарист, ја води преку неколку ликови, кои се во потрага по среќа, и ги живеат своите животи секој според своите можности. Нивната потрага по среќа, Манчевски ја прикажува преку ослободување од општествените стеги и искажување на индивидуалната слобода. И иако мотото на филмот е „За танго треба тројца“, сепак, на крајот, некако како за среќа да се потребни двајца… или, пак, можеби кој како си милува…

А како што изјави режисерот Манчевски на премиерата, понекогаш многу е висока цената на среќата. „Но повисока е цената на тоа да не бидеш чесен кон себе затоа што ќе останеш несреќен. Не секогаш пристојноста води кон среќа, понекогаш општеството и институциите на општеството, без разлика дали тоа се државата, црквата или комшијата знаат да ни ја скршат среќата. Тажно е тоа што таа либерална аморалност или малограѓанско лицемерие се рецепт за несреќа, а наравоучение е дека нема ништо поважно од слободата“, рече Манчевски.

Според режисерот, филмот како и секоја убава уметност се бави со тоа да создаде емоција, да изненади, да раскаже приказна, да те води на еден ролеркостер. „Добро уметничко дело функционира секаде, затоа што луѓето секаде сме исти. Ако делото е добро, зборува за универзални теми, луѓето секаде ќе реагираат, а уметничкото дело ќе им остане во срцето“, додава режисерот.

Инаку, во филмот со своите улоги се истакнуваат Сара Климоска и Симона Спировска, а секако печат оставаат Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Петар Мирчевски, Ана Стојановска и Филип Трајковиќ. Во останатите улоги, пак, настапуваат Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ.

На крајот на проекцијата, филмот и екипата која излезе на сцената, добија овации од публиката.

Филмот е во продукција на „Банана филм“, а е копродукција меѓу Македонија, Данска, Холандија, Хрватска и европскиот фонд „Еуроимаж“. Македонски продуцент е Јане Ќортошев, продукциски дизајнер – Дејвид Манс од Англија, директор на фотографијата – Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга, дизајнер на звукот – Херман Пиете, кастинг-директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е Марио Микисанти. Музиката е на култниот Дејниш стринг квартет, а дополнителната музика – на Игор Василев-Новоградска. МРТ е копродуцент. (Н.И.Т.)







1 view

Comments


bottom of page