„Кафез кај кокони“ на Драмски со три награди на МТФ Денови на комедијата во Куманово
Претставата „Кафез кај кокони“ на Драмскиот театар Скопје доби три награди на 26. по ред МТФ Денови на комедијата во Куманово 2023. Жирито во состав Магдалена Ризова-Черних, претседателка, и членовите Драгана Гунин, Кети Пауновска Стевковска, Петар Андоновски и Стефан Јакимовски ги донесе следниве одлуки за награди на Фестивалот: Најдобар актер Александар Степанулески „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје; Најдобра споредна улога Бранко Атанасов „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје; Најдобра костимографија Раде Василев и Елена Вангеловска „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје. На свеченото доделување актерите и добитниците на наградите од ансамблот на Драмски искажаа благодарност до жирито и посетителите на фестивалот и упатија покана до публиката да ја гледа претставата веќе на 28 октомври и во другите термини на редовниот репертоар на Драмскиот театар Скопје. „Кафез кај кокони“ на режисерот Димче Николовски ја имаше својата премиера во мај годинава и освен на матичната сцена, претставата се играше и во рамките на фестивалот „5ре“ во Велес и Скопското културно лето. Улогите во претставата ги играат актерите: Жорж – Филип Трајковиќ, Албен – Александар Степанулески, Жакоб – Стефан Вујисиќ, Табаро – Предраг Павловски, Мерцедес – Димитрија Доксевски, Зорба – Маја Вељковиќ Пановска, Лоран – Дамјан Цветановски, Камиј – Соња Стамболџиоска, Едуар – Златко Митрески, Мјуриел – Нела Павловска, Симон – Емилија Мицевска и Саломе – Бранко Атанасов. Во програмата за претставата, Александра Бошковска, која заедно со Благоја БошковскиБ-уцо ја направи адаптацијата, вели: „Француската фарса ‘Кафез кај кокони’ (La cage aux folles) ја има својата праизведба во февруари 1973 година во Париз. Мајсторски конструирана од познатиот актер и комичар Жан Пуаре како комедија на ситуации, забуни и карактери ја освојува публиката на прв поглед и доживува над 2000 репризи. Игрив и забавен, но и храбро проткаен со сериозни теми дотогаш неприкажани на толку експлицитен и дрзок начин, текстот со хумор и леснотија задира во многу комплицирани теми: потребата за општествено прифаќање, сексуална слобода, избор во љубовта и потребата да се задржи личниот интегритет. Сместена во Сен Тропе, во веселите седумдесетти, претставата „Кафез кај кокони“ покажува дека педесет години потоа овие прашања се сè уште отворени и провоцираат дијалог низ истата структура на хумор, игривост и дрскост“.
Comments