Катастрофа во Велс: Македонија ќе игра за Мундијалот по потешкиот пат! (ВИДЕО)
- Aleksandar Santovski
- Nov 19
- 2 min read
18.11.2025 Noemvri Vtornik
Македонската фудбалска репрезентација го претрпе првиот и единствен пораз во квалификациите за Светското првенство. Нашиот национален тим целосно беше надигран и загуби на „Кардиф Сити стадиум“ со 7-1 (3-1). Сепак, и покрај овој пораз „рисовите“ во март 2026 година ќе играат бараж за мундијалско место. Милевски се одлучи за систем 3-5-2, со две новини во одбранбената линија – Стојчевски и Велковски добија шанса од првата минута наместо повредениот Алиоски и Серафимов, кој остана на клупата. По само две минути Брукс ја имаше првата шанса, но биеше од изгледна позиција преку голот. Македонија возврати со ударот од дистанца на Костадинов, но нашиот креативец шутираше високо преку голот.
Во 17. минута се случи моментот кој беше пресвртница во натпреварот. Стојчевски и Брукс беа во дуел во казнениот простор, па иако се чинеше дека Велшанецот се обиде да изнуди најстрога казна, судиите покажаа на белата точка. Вилсон го совлада Димитриевски, иако нашиот голман ја прочита страната, не успеа да одбрани. Нашите фудбалери не се ни созедоа, а веќе примија и втор гол. Џонсон мина по левата страна и центрираше, а Брукс ја дочека топката на 7-8 метри и со левата нога го матира Димитриевски (2-0).
По очајните 4-5 минути нашиот национален тим реагираше. Велковски одлично во празно го најде Миовски, овој изби сам пред Дарлоу и рутински ја смести топката зад неговиот грб (2-1). Во 34. минута среќата и Столе Димитриевски спречија трет велшки гол, бидејќи по ударот на Вилијамс, дирекот ја спаси Македонија. Сепак, тоа беше само одложување на неминовниот епилог, бидејќи Бренан Џонсон со мајсторски удар од голема далечина ја „искина пакажината“ од голот на Дарлоу за 3-1.
Вториот дел започна со нова гужва пред нашиот гол, откако по корнер од десната страна, топката се прошета низ нашиот петерец и заврши во гол аут. Во 52. минута Брукс биеше со левата нога, но Димитриевски со парада ја исфрли топката во корнер. Во 55. минута Милевски ги внесе Ќамили и Чурлинов на местата на Стојчевски и Костадинов. На неполн еден час игра момците на Белами ја изведоа најубавата акција. Вилсон со пета убаво додаде, а Даниел Џејмс со прецизна дијагонала ја погоди македонската мрежа за 4-1.
Милевски го повлече Миовски и му даде минути на Растодер, а половина час доби и Атанасов, менувајќи го Алими. Сепак, немаше никаква реакција, Велшаните ја „нагазија' топката, поблиску беа до петти гол, отколку до драма, па по за нив перфектно сценарио, дуелот се доближи до крај. „Шлаг на тортата“ беше прекрасниот слободен удар на капитенот Вилсон, со левата нога и преку живиот ѕид, за високи 5-1. Истиот фудбалер погоди 6-1, со гол од пенал, како последица на прекршокот на Велковски во својот казнен простор. Резервистот Бродхед во 88. минута од само неколку метри ја втурна топката во небранетата мрежа за финални 7-1.
Македонија в четврток ќе го дознае ривалот во првиот бараж, кој ќе се игра во март и за кој се знае дека нашиот национален тим ќе гостува. Потенцијални ривали ни се Италија, Турција, Данска и Украина.






Comments