top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Картареску, лауреат на „ПРО-За Балкан“: Сакам литературата да биде универзална

„Јас сум човек од Балканот и тоа го сакам. Писателот не може самиот да каже дека е писател, тоа треба други за него да го кажат. Пишувањето е религија, не е работа. Ако не пишувам секој ден, како да не дишам. Сакам литературата да биде универзална. Тоа значи дека една книга треба да ја разберат сите луѓе. Универзалната литература е слоевита и во неа секој читател ќе пронајде нешто“, рече романскиот писател, лауреатот Мирча Картареску, на првата фестивалска вечер на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-За Балкан“ одржана синоќа во Даут-пашиниот Амам.

Картареску е добитник на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“. Како што посочи Картареску интересно е што во времето на комунизмот во Романија народот бил „осуден“ да чита само класици – Шекспир, Сервантес, зашто не се дозволувале нови автори. „Апсурдно е да се каже, но нашите родители и необразовани ги читаа овие автори, оти тогаш немаа телевизија, интернет…“, додаде романскиот писател.

Инаку, за творештвото на лауреатот Картареску зборуваше Лафазановски. Тој со задоволство истакна дека авторот му е пријател, иако сега прв пат се среќаваат, но дека тоа станал благодарение на неговите дела.

На првата фестивалска вечер покрај лауреатот, се претставија и творештвата и гостите-автори на годинешниот „Про-За Балкан“ Јоана Николае, Миљенко Јерговиќ, Анте Томиќ и Оливера Ќорвезироска.

Јоана Николае е авторка на книги за деца, но и за возрасни. Нејзините книги се преведени на повеќе јазици и се наградувани. „Пишувам за деца, зашто и самата сум дете. Растев во семејство со 12 деца и секогаш имаше многу приказни. Многу се радувам што првиот јазик на кој е преведена мојата книга ‘Фербонија’ е токму на македонски“, рече Николае.

За македонската писателка Оливера Ќорвезироска пишувањето е љубовна врска со јазикот. „Се скаруваме, па се смируваме. Јас не верувам во книжевност без автобиографија и биографија. Секогаш тргнувам од мала јатка на вистината, а потоа може вистината и да оди по ѓаволите“, рече Ќорвезироска.

Миљенко Јерговиќ се наврати на своето детство, кога многу читал и книгите му биле вид бегство од тоа што се случувало надвор. „Се дружев со книгите и со неколку стари луѓе, кои секогаш имаа добри приказни. Се трудев да не дојдам во контакт со лоши врсници, а и со родителите. Читачкото искуство е најважно. Јас се обидувам да пишувам против времето“, рече тој.

Анте Томиќ, пак, се потсети кога пред десетина години биле во посета на Скопје, кога посебно ѝ се израдувал на Старата скопска чаршија и сè што таа носи со себе. Таа слика многу му помогнала во инспирацијата за сценариото на филмот „Караула“.

Поддржувачи на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ се: „Традуки“, Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Град Скопjе, амбасадата на Романија, Спона, Кинотека. Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медиа“.


1 view

Comments


bottom of page