top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Каратистите подготвени за олимписки норми

Татамите во Париз се подготвени за олимпискиот квалификациски карате-турнир, кој од денеска до недела ќе претставува и последен филтер за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио (23 јули – 8 август). Во Париз таква можност ќе имаат и седум македонски каратисти. Тоа се двократниот европски првак и двапати трет Емил Павлов (категорија до 67 кг), поранешниот европски вицешампион Берат Јакупи (над 75 кг), носителот на европско сребро (јуниори) и на бронза (постари јуниори до 21 година) Петар Заборски (до 75 кг), Ангела Мојсовска (над 61 кг), освоено петто место на ЕП, Симона Заборска (до 55 кг), освоено седмо место на ЕП, и Вероника Костовска (над 61 кг), поранешна европска шампионка во кадетска конкуренција, сите во борби, како и Пулексенија Јованоска во кати, која двапати била петта на ЕП. Конкуренцијата ќе биде најсилна досега, затоа што ќе има само три олимписки категории во борби (мажи и жени), а пласман на ЛОИ ќе обезбедат носителите на медали и една во кати (мажи и жени), од кои вкупно шестмина ќе патуваат за Токио. – Ме очекува тежок турнир. Конкуренцијата е на највисоко ниво со 72 каратисти во мојата категорија од целиот свет. Верувам во себе и во трудот што го вложив изминатите години. Добро ги познавам речиси сите конкуренти, посебно најдобрите. По ЕП и притисокот што го чувствував таму, 14 дена работев и на психолошкиот дел и сметам дека сум во врвна форма. Во Париз ќе го дадам максимумот, без притисок и оптоварување за да си го остварам сонот, а тоа е настап на олимпијада – вели Павлов. Се очекува во Париз да настапат 495 натпреварувачи од 98 земји. – Во Париз очекувам да покажам дека Македонија може да се носи со големите велесили во кати. Тоа сум го докажала повеќепати во Европа, ама тука ќе биде ужасно тешко. Во најдобра форма сум, се чувствувам одлично и можам да ветам дека ќе го дадам максимумот, а за пласманот ќе одлучуваат нијанси. Имав силни подготовки, верувам во себе, знам што ме очекува и едвај чекам да настапам – вели каташката Пулексенија Јованоска. Г.И



0 views

Comments


bottom of page