Каратето со неизвесна иднина на Олимписките игри
Каратето на неодамна завршените Летни олимписки игри во Токио (ЛОИ) првпат беше дел од олимпиското спортско семејство. Спортот, кој има долга традиција и богата историја и кој е масовно присутен во целиот свет (над 100 милиони), иако дебитираше на Игрите во Токио, за жал, повторно се враќа каде што беше претходно, меѓу неолимписките спортови, што е многу вчудовидувачка одлука! Имено, најавите дека каратето ќе го нема на ЛОИ во Париз во 2024 година се покажаа точни, откако спортскиот директор на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Кит Меконел, неодамна ја потврди оваа информација. Наместо карате, на ЛОИ во Париз 2024 ќе гледаме брејкденс! – Каратето не е на олимписката програма во 2024 г., а целта е да привлечеме што е можно повеќе млади. Процесот за распределба на спортовите е завршен, целта е да им се даде на сите што е можно поголема сигурност, па од минатата година веќе не е можна никаква промена во спортовите што ќе бидат дел од ЛОИ во Париз 2024 – истакна Меконел. Негодувањето кај каратистите, тренерите и сите функционери што се во овој спорт е големо, како во целиот свет така и во Македонија. Уште повеќе ако се знае дека каратето е спорт што ѝ донел на Македонија куп медали од ЕП, СП, Европските и Медитеранските игри, Балканијадите и од многуте силни турнири. Патем и на ЛОИ во Токио, Македонија имаше свој претставник, каташката Пулексенија Јованоска, која во дисциплината кати го освои деветтото место.
– Овие денови има многу случувања околу тоа каратето да биде дел на ЛОИ во 2024 година. Од моите пријатели од Франција имам информација дека по освоениот златен медал на францускиот каратист Стевен да Коста во борби (категорија до 67 кг) на ЛОИ во Токио, целата спортска јавност во Франција пишува и дава поддршка уште еднаш да се отвори темата за каратетот да биде дел од ЛОИ и сѐ што може да се направи тоа да се најде на програмата на ЛОИ во Париз. Притоа голема поддршка дал и францускиот министер за спорт, како и повеќе од 120 пратеници со своите потписи. Деновиве Стевен да Коста, како освојувач на олимписки медал, ќе има средба со францускиот претседател Емануел Макрон, на која ќе се зборува да му се овозможи на Стевен да Коста да може да ја брани титулата во Париз. ИОК не даде зелено светло за каратето, но како што наведуваат медиумите во Париз, само Макрон би можел сѐ уште да му даде шанса на каратето да биде дел и на ЛОИ во Париз во 2024 г. – вели македонскиот двократен европски првак Емил Павлов. Павлов смета дека токму според распространетоста, каратето заслужува да биде дел од семејството на олимписки спортисти. – Според информациите од Франција, 150 милиона каратисти од целиот свет го практикуваат каратето, џудото 40 милиони, таеквондото 20 милиони, што само зборува колку е распространет овој спорт во светот. Токму затоа сметам дека каратето заслужува да биде постојан спорт на ЛОИ, оти за разлика од многу други спортови, кои се распространети во неколку држави, него го има во целиот свет – дециден е најдобриот македонски каратист Павлов.
Со идентичен став е и селекторот на сениорската македонска карате-репрезентација во борби, Сашко Арсовски. – Сите видовме на ЛОИ во Токио, каде што каратето првпат беше присутно, колку беше интересно за гледање, а посебно дисциплината борби, што, пак, укажува колку еден каратист треба труд да вложи за да биде подготвен за настап на ЛОИ. Токму поради тоа, како и неговата масовност во целиот спорт, сметам дека на каратето не треба да му се забрани да биде во олимписката унија на спортови, туку напротив, заслужува да биде спорт што високо ќе котира на ЛОИ – вели Арсовски.
Еспиноз: Верувам дека има место за секого на ЛОИ
Никој никогаш не ја разбра причината зошто сме извадени од групата спортови што ќе бидат дел од ЛОИ во Париз 2024, оти никогаш не ни беше објаснето. Во Франција ќе има четири дополнителни спорта, а не е јасно зошто да не бидат пет, на пример. Се надевам дека ќе бидеме трајно прифатени како дел од олимписката програма. Ова може да се случи во првите месеци од 2022 година, кога ќе се разговара за спортовите на ЛОИ во Лос Анџелес 2028 година. Верувам дека има место за секого на ЛОИ – вели претседателот на Светската карате-федерација (ВКФ), Шпанецот Антонио Еспиноз, разочаран од најновата одлука на ИОК.
Comments