КАРАТЕ – ЈУБИЛЕЕН 40. МЕЃУНАРОДЕН МЕМОРИЈАЛЕН ТУРНИР „НИКОЛА ГРДАНОВСКИ-НИКЕ“
Во исполнетата спортска сала „Методи Андонов-Ченто“ во скопската населба Маџари, во борбен натпреварувачки дух на четири борилишта, се одржа јубилејното 40-то издание на традиционалниот меѓународен меморијален карате-турнир „Никола Грдановски-Нике“, во одлична организација на еден од најтрофејните карате-клубови во Македонија, Металург. Турнирот се одржува во чест на прерано починатиот каратист Грдановски, кој беше еден од основачите на Металург, а наедно и натпреварувач, тренер, мајстор на карате-спортот со црн појас прв степен. Викендов настапија 41 клуб, со вкупно 403 натпреварувачи, во старосните категории од пионери до постари јуниори (до 21 година), во 94 категории од пет земји (Македонија, Црна Гора, Грција, Бугарија и Косово). Најуспешен и наедно најмасовен клуб, со 59 натпреварувачи, беше Сансаи метал Апостолов, со освоени вкупно 51 медал, од кои 23 златни, 15 сребрени и 13 бронзени. Домаќинот Металург освои 20 медали (четири први, седум втори и девет трети места). Вкупно 40 клуба освоија медали, а 29 најмалку по еден златен. Македонските каратисти, кои беа и најмасовни, освoија вкупно 244 медали (66 злата, 68 сребра и 110 бронзи). – Благодарност до сите партнери што придонесоа за одржувањето на годинашниов меморијален турнир, кој веќе 50 години успешно го афирмира каратето како еден од најтрофејните спортови во Македонија. Големо задоволство е да се видат млади и талентирани каратисти, кои се иднината на македонското карате. Постигнатите резултати на турнирот ќе бидат во втор план, оти денес сите се победници на татамите – беше речено, меѓу другото, при свеченото отворање на турнирот од организаторот. Натпреварувачкиот амбиент што владееше во салата, желбата да се остави што поголем впечаток кај судиите, а со тоа и да се биде што поблиску до освојувањето медали, пехари и плакети, само придонесоа мотивацијата кај младите храбри „бели кимона“ да биде на највисоко ниво. Најдобрите, пак, се најдоа на подиумот, со мноштво балони во боите на Металург, кој годинава прослави 54 години од своето постоење, почнато во 1979 година, и кој досега даде мноштво квалитетни поединци и репрезентативци, освојувачи на многу меѓународни медали, со што го прослави македонското карате. Г.И.
Најуспешни карате -федерации
ЗЕМЈА ЗЛ. СР. БР. Македонија 66 68 110 Косово 11 6 10 Бугарија 9 6 15 Ц. Гора 8 6 6 Грција 0 1 0
Најуспешни клубови КЛУБ ЗЛ. СР. БР. Сансаи м. Апостолов 23 15 13 Будуќност 8 6 6 Кизаме 8 5 10 Феризај 8 5 7 Металург 4 7 9
ТУРНИРОТ НИЗ БРОЈКИ Клубови 41 Каратисти 403 Македонија 332 Бугарија 29 Косово 23 Црна Гора 18 Грција 1 Категории 94
Дисциплини: кати и борби
Comentários