„Капут од мов“ од Стефан Тиќми е поетски роман за созревањето
Новиот роман за деца „Капут од мов“ од младиот наградуван српски писател Стефан Тиќми излезе од печат на македонски јазик, во издание на „Арс ламина – публикации“. Преводот на македонски го направи Дејан Василевски, а уредничка е Оливера Ќорвезироска. Илустрациите се на Добросав Боб Живковиќ. Ова е втора книга од Тиќми објавена на македонски јазик, по популарната „Јас сум Акико“, која ја доби наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца напишана на српски јазик во 2018 година. Двата романа („Капут од мов“ и „Јас сум Акико“) се класифицирани меѓу најдобрите 200 детски книги на светот во престижниот избор на списанието „Вајт рејвенс“, кое го издава Минхенската библиотека.
„Капут од мов“ е поетски роман за созревањето, за осаменоста, за уметноста, за љубовта и за природата како лек против најразличните проблеми на современиот човек заглавен во односите со другите, но и со себеси. Во него има и магичен реализам и епска фантастика и бајковитост, но најмногу од сè го има разгранетиот талент на Тиќми. Во „Капут од мов“ ја извишува крошната на својот талент, така што и небото и шумата на книжевноста му прават сè поголемо место. Приказната за Најден, кому на грбот му расте дрво, е приказна за сите наши тежини и товари, но и лирско трасирање на патот по кој треба да заминеме или да се вратиме кон суштината. Топла, креативна, мајсторски засадена приказна никната како чудесен роман. И за деца и за возрасни. – „Капут од мов“ доаѓа по романот „Јас сум Акико“, кој на многумина им се допадна, бидејќи е нежна приказна за едно шармантно девојче. Преку „Капут од мов“ сакав да опишам како е кога си Акико, но во поодмината возраст (во тинејџерски години). Како е кога имаш товар, кој го носиш на плеќи и кој буквално е претставен преку дрвото, кое главниот лик Најден го носи на грб. „Капут од мов“ во суштината е слика за моето опкружување додека растев: природа, билки, птици и дрвја – вели Тиќми.
Стефан Митиќ-Тиќми е роден во 1992 година во Лесковац, Србија. Дипломирал на Факултетот за спорт и физичко воспитување во Ниш. Се занимава со производство на јаглен и производство на текстови. Tој е еден од најпрепознатливите нови автори во српската книжевност за деца и млади. Неговото пишување е опојно како стиховите на Миќа Антиќ, бајковито мудро како во „Малиот принц“ на Антоан де Сент Егзипери, духовито и топло како текстовите на Игор Коларов.
Comments