Кантавторот Зоран Рудан-Цеки го врати Скопје во песните!
Неизмерната љубов кон моето Скопје се спои со идејата за музика за една книга, која го носеше насловот „Џабе живиш у Скопје“ на Зоран Спасов Ѕоф. Tој наслов едноставно не ми даваше мир и ја напишав истпоимената песна, која доби автентична видео приказна. Реакциите на социјалните мрежи беа навистина неверојатни. И следната моја песна „Цепај сине“ е напишана според истоимената книга на Ѕоф, а исто така е отпеана на чист скопски жаргон.
Македонскиот кантавтор Зоран Рудан Цеки (56), на својот роден град Скопје му посвети повеќе песни и го врати неговото име во популарната музика. Неговите најнови хитови „Џабе живиш у Скопје“, „Касно лето е во Скопје“, „Поштарот Петре“ и „Цепај сине“ се напишани на скопски жаргон и имаат автентични видео приказни, кои го отсликуваат некогашниот живот во нашиот град, потсетувајќи се на некои времиња што веќе ги нема.
Во разговорот што го водевме со Цеки тој ни открива што го инсприрало да ги напише овие песни, но ни открива и некои свои планови за идни проекти.
Фото: приватна архива
Инаку, Зоран Рудан-Цеки со музика се занимава уште од раните училишни денови, кога како гитарист и пејач ја формира групата „Икс идеја“, а потоа членува и во групите „Рок Систем“, „Мистер Џиниус“ и дуото „Целофан и Вањо“. Во јавноста е познат како композитор, текстописец, аранжер и пејач. Се уште се актулени неговите хитови „Чекам да заврне“ („Макфест“), „Зелена кајсија“, „Песна за Вардар“, но и химната на МЗТ, дуетите „Златна месечина“, „Генерацијо“ со Лидија Кочовска и дуетот „Уште една пролет“ со Емилија Гиевска, и уште многу други. Освен за себе, компонира и пишува и за други народни и забавни македонски пејачи. Има сопствено аудио видео студио, а како основач на „Целофан продукција“ успешно реализира три мултиетнички фестивали „The Dearest Pumpkins“, како и проектот „Нови ѕвезди“, со над 80 телевизиски емисии.
Последниве две-три години, како да се ренесанса во вашата долга кариера. Иако цело време сте активен и настапувате, сепак, се чини како овој период како да е ваше повторно враќање во првите редови на мак-естрадата. Дали добрите реакции на публиката ве мотивираат уште повеќе да се вложите?
-Секако дека добрите и спонтани реакции на публиката ми се најголема мотивација. Постои верување дека за уметниците аплаузот е како еликсир и ги подмладува и одржува. Таа магија е моја духовна храна и моите настапи ги доживувам како уживање и воедно празнење на негативната енергија. Како бонус добивам подобра техника на пеење и пеачка кондиција. Што се однесува за авторските песни и мак-естрадата среќен сум што можам сам да си напишам песна, текст, сам да си ја снимам и да си ја отпеам. Веројатно сум требал да бидам многу повеќе продуктивен и жалам поради тоа. Се надевам дека во иднина ќе успеам да го надокнадам пропуштеното.
Музичката приказна за поштарот Петре, е најновото што излезе од вашето студио Целофан. песната со ретро призвук има и интересен, ведар спот. Кој ве инспирираше за ликот на поштарот Петре, дали можеби е тоа некое сеќавање за времињата кога имаше и писма и поштари, повеќе комуникација и искреност меѓу луѓето?
-Ликот на поштарот Петре доаѓа од моите сеќавања на времињата кога секое маало си имаше свој поштар, кој несомнено и денес повеќето луѓе од таа генерација го паметат неговото име. Кога некој човек ќе добие писмо, тоа за него беше радосен момент. Чувство на интимност и блискост со некој кој ти го напишал писмото и мислел на тебе. Денес добиваме само фактури и пратки од Алиекспрес. Песната „Поштарот Петре“ претставува обид да се прикаже убавината на таквиот начин на живот пред дигиталната ера. Чекањето и надежта, дали и кога ќе стигне писмото е посебно чувство, кое останало како сеќавање во минатото. Морам да кажам дека повеќето моменти од приказната во песната навистина постоеја и се прераскажуваа низ многуте тогашни скопски маала.
За песната излезе и видео запис и еве користам прилика јавно да им се заблагодарам за прекрасната игра на двајцата актери, Елизабета С. Зафировска и Дарко Вељиќ. “
Денеска е 13 Ноември, денот на ослободувањето на Скопје, на кое му посветивте барем две песни – „Џабе живиш у Скопје“ и „Касно лето е во Скопје“, кои имаат и автентични видео стории. Како всушност се родија овие песни-подароци за (старото) Скопје, за кои добивте едне куп зборови на благодарност на социјалните мрежи?
-Не сакам да звучам нескромно, но реакциите на социјалните мрежи беа навистина неверојатни. Идејата е енергија, а и љубовта е енергија. Неизмерната љубов кон моето Скопје се спои со идејата за музика за една книга, која го носеше насловот „Џабе живиш у Скопје“ на Зоран Спасов Ѕоф.
Tој наслов едноставно не ми даваше мир. А „Касно лето е во Скопје“ е љубовна песна, дополнително инспирирана од касните топли лета, периодот кој ми е најомилен.
Покрај песната „Поштарот Петре“ која е отпеана на скопски дијалект, ексклузивно ви ја најавувам и следната моја песна „Цепај сине“ според истоимената книга на Зоран Спасов Ѕоф. Тоа е мојата нова песна која е исто така отпеана со чист скопски жаргон. Промоцијата на демото се случи на 25 октомври на промоцијата на книгата, а официјалната верзија, ќе ја објавам и пуштам во етер токму денеска, кога мојот град празнува.
Фото: приватна архива
Како го објаснувате фактот дека некои ваши постари хитови го положија тестот на времето? Можеби тоа е поради емоцијата што ја будат кај слушателите?
-Како што реков, музиката и песните се спој на енергии во одредено време од кои произлегуваат емоциите. Тоа е како магија и никој не може да знае однапред која песна ќе го положи тестот на времето, или пак во иднина ќе доживее сопствена преродба или успешна преработка.
И во светот и кај нас најуспешнни музичари се кантавторите. На еден од нив Ѓорѓе Балашевиќ, вие му напиша песна по неговото физичко заминување. Во „Дај још један рефрен“, сепак пораката е дека животот е убав и оти треба да се живее со полни гради. Далие тоа и вашата животна филозија?
– За Балашевиќ секогаш сум сметал дека е најдобриот текстописец на овие простори и никој не му е рамен. Тој ја „подигна летвата“ многу високо. Да бидам искрен, во младоста не му посветив поголемо внимание, затоа што слушав друга музика. Песната „Дај други рефрен“ е најмалку со што можам да направам и на скромен начин да ја изразам мојата почит и восхит кон еден таков великан како што е Ѓорѓе Балашевиќ.
Инаку, јас немам животна филозофија, затоа што животната филозофија се менува со текот на годините и не може да биде постојана. Имам еден стих кој вели „Ништо више не е исто, нит` си ти исиот тој“.
Фото: Маја Јаневска Илиева
Што мислите за состојбата на мак-естрадата и дали контактирате и соработувате со колегите?
-Не би било коректно да дадам мислење за нешто што не го познавам. Искрено, не ја следам состојбата, а и типот на моменталната популарна музика, која е дел од светските трендови и е нормален процес, не ми е баш близок. Соработката со колегите на авторска музика ми е слаба страна, затоа што секогаш работам сам, но имам многу пријатели музичари, истомисленици, со кои сум во постојан контакт.
На фестивалот „Макфест“ испеавте еден од вашите најголеми хитови. Какви се вашите штипски музички спомени?
-Фестивалот „Макфест“ во Штип е место каде се создаваат прекрасни спомени и е мојата прва фестивалска љубов и искуство со песната „Чекам да заврне“, после која уште неколку песни. Секако, покрај убавите имаше и разочарувачки моменти, но сепак, Макфест според мене е најголемиот фестивал во Македонија и чест ми е што сум бил дел од него.
Фото: Маја Јаневска Илиева
Размислувате ли за солистички концерт наскоро?
-За сопствен солистички концерт треба многу „коцки да се склопат“. Секако дека би сакал тоа да го доживеам, мое е да продолжам да работам и да верувам во себе.
Песните на култната група „Бијело дугме“ одлично звучат во иведба на трибјут бендот „Бело копче“, чиј вокал сте, а верувам дека и вашите настапи се одлично прифатени од публиката. Дали тоа беше ваш омилен бенд порано?
-На оваа тема имам многу да кажам и се плашам дека ќе претерам. Ќе бидам најкраток што можам. Оној момент кога ги видов прв пат „Бијело дугме“, како гости на еден квиз, се случи една конекција и силна магија која не можам да ја опишам. Таа во мене е како неизлечив вирус. Но да се фокусирам на нашето „Бело копче“. Тоа е трибјут бенд кој ги изведува песните на „Дугме“. Трибјут значи изведба во оригинална верзија, онака како што е снимена песната, за разлика од кавер, каде што се изведува слободно и импровизаторски. Разликата е неспоредлива, што се однесува до тежината на задачата.
Фото: приватна архива
Работата со жив бенд, проби и големи концерти е нешто што долги години ми фалеше. За разлика од моите клупски свирки, со „Бело копче“ настапувам на големи сцени, пред многу публика и тоа е за мене ново доживување и едно големо дополнително искуство.
Колку семејството ви е поддршка во она што го работите и имате ли наследници?
-Семојството ме поддржува се` додека не претерам. Работата со музика бара често да сум отсутен од дома. Јас немам работно време и најчесто сум зафатен за време на викенди и празници. Сепак, имаат трпение и разбирање и им благодарам за тоа. Мојот постар син Марио е одличен музичар и е еден од подобрите басисти во Македонија, гордост за секој родител, особено ако се занимава со музика.
Немаат сите професија што им го разубавува животот на луѓето, како вашата. Дали тоа ве прави среќен?
-Посреќен здравје!
https://novamakedonija.com.mk/
Comments