Кантавторот Александар Петрески со спот за „Ново утро“
Охриѓанецот Александар Петрески, кој веќе неколку години живее во Германија со семејството, не ја заборава својата љубов кон музиката, па неодамна го објави својот сингл „Ново утро“, испеан на македонски јазик, за кој е изработен и спот. Инаку, тој е кантавтор, а освен што пее, компонира и свири на гитара, ги продуцира и своите песни.
– Конечно, по неброени часови емотивен ангажман, ја промовирам мојата нова песна, насловена „Ново утро”‘. Идејата за неа се роди пред една година, првично како текст, кој ме разбуди едно утро, а потоа ја направив и музиката. Во текстот се испреплетени повеќе теми, од кои доминантна е една во која се спомнати емоционалните и психолошките предизвици и доживувања што ги поминувам секогаш кога го напуштам мојот роден град Охрид. Целокупната видео и аудиопродукција е моја, а во работата имам помош и од сопругата. Видеото е снимено на две локации во градот Нојс, каде што живеам, а поради тематиката се одлучив да биде црно-бело – ни рече Александар Петрески.
Тој создава музика и на англиски и на македонски јазик.
– Иако не живеам во Македонија, ќе продолжам да пишувам и на мојот мајчин јазик, со што сакам да дадам свој придонес кон македонската музичка сцена. Во живо сум настапувал, секако, и во Македонија и овде, во Германија, пред сѐ како гитарист и придружен вокал. Со соло-пеење посериозно се зафатив од 2019-та, поточно во периодот на пандемијата. Досега снимив пет сингла, една инструментална композиција и една детска песна, која ја пее син ми. Наскоро планирам да издадам и цеде, а песните што досега сум ги снимил може да се преслушаат на мојот канал на Јутјуб – ни откри Александар.
Тој ја избрал гитарата кога имал 13 години, поттикнат од неговите другари, кои веќе свиреле на овој инструмент. Сепак, музиката не му е примарна професија, тоа е туризмот.
– Сепак, музиката е мој постојан придружник. Работев и во музичко училиште во Дизелдорф, каде што им давав часови по гитара на деца од десет години и постари, а сега тоа го правам приватно. Моја цел е да оставам нешто вредно, најпрво за себе и за моето семејство, а нормално, како и на секој уметник, да ги промовира моите дела пред одредена публика и преку музика да ширам позитивна енергија – вели Петрески.
Comments