Камерно-солистички концерт „Надеж“ со настап на млади уметници
Крајот на првата, пролетна сезона на 45-тите „Денови на македонска музика“ ќе биде означен вечер, со камерно-солистичкиот концерт насловен „Надеж“ со настап на млади музички надежи.
Како што соопштуваат од Сојузот на композитори на Македонија, фестивалскиот подиум, традиционално и оваа година ќе им биде отстапен на младите музички надежи, студенти и дипломанти на музичките универзитети во државата. Со ваквите иницијативи кои имаат за цел континуирана презентација како на новото музичко творештво, така и на новото исполнителство, фестивалот, овозможува да се создаде компактна, генерална слика за патеката на движење на современата музика и исполнителство на нашите простори.
На програмата ќе бидат дела од авторите Тодор Бојаџиев, Илија Пејовски, Маријана Јаневска, Стојан Стојков, Филип Иванов и Дамјан Темков кои ќе ги изведат младите уметници Ана Спасовска, Ивона Базгалоска, Памела Велкова, Маја Михајловска и Леона Кондратенко. Пијано придружба е Елена Атанасовска – Ивановска.
Камерно-солистичкиот онцерт ќе се одржи во терминот од 20 часот во Музејот на македонската борба.
Comments