top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Камерниот оркестар на Музичката младина ќе концертира на Охридско лето

Концерт на камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, „Сашa Николовски-Ѓумар“, ќе се одржи вечерва на Охридско лето, со почеток во 21 часот, во црквата „Света Софија“. Диригент на вечерта ќе биде Иван Еминовиќ, а солист Марија Ташевска – сопран. Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 37 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска. Како признание за постигнатите резултати, во 1995 оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската федерација на музичката младина. Оркестарот има остварено повеќе од 100 концерти добивајќи голем број позитивни критики и признанија, а на неговиот репертоар, покрај делата од светската класика, свое место наоѓаат и делата на современите македонски композитори. Веќе 37 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот Охридско лето, а во последните години и на фестивалите Скопско лето и Битолско лето. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.


2 views

Comments


bottom of page