Како Ханси Флик го врати оптимизмот во репрезентацијата
ФУДБАЛ – АНАЛИЗА НА „БИ-БИ-СИ“
Новиот селектор, Ханси Флик, кој дојде на селекторската функција по 18-те месеци како тренер на Баерн, ја предводеше фудбалската репрезентација на Германија до пет победи на петте квалификациски натпревари за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година, на кои на четири меча селекцијата не прими гол, пишува „Би-би-си“. По победите, германските навивачи повторно гледаат причини за оптимизам, откако фудбалската репрезентација на Германија рано испадна на СП 2018, уште во групната фаза, а на Европското првенство (ЕП) годинава загуби во осминафиналето, од Англија. Јоаким Лев веќе имаше објавено дека по ЕП 2020, по 15 години ќе се повлече од селекторската функција. Усвојувајќи го истиот тактички пристап како и во Баерн, Флик веќе ја зголеми способноста на Германија да го задржи притисокот врз противниците. Дефанзивната нерешителност и безбедниот пристап што ја карактеризираше нивната игра се минато, бидејќи Флик бара силно темпо, прогресивна игра и висок пресинг, пишува во анализата на „Би-би-си“. Тој пристап е типичен елемент на фудбалскиот идентитет на Баерн и многу од клучните играчи настапуваат за германскиот шампион. Но тоа не значи дека Флик е насочен само кон Баерн и ги игнорира другите клубови. Тој е во контакт со тренери како Томас Тухел од Челси, со Пеп Гвардиола од Манчестер сити и со Маурицио Почетино од Пари сен Жермен, бидејќи во трите тима има германски интернационалци. Тој, исто така, ги охрабри тренерите на клубови во Бундес-лигата да предлагаат тактички идеи за националниот тим. Френк Крамер, кој раководи со Арминија, клуб без актуелни германски репрезентативци, јавно потврди дека дури и нему му е дозволено да „дава предлози“.
Кога Флик одлучи да воведе тактички промени, како што е поместувањето на Лерој Сане од десно на лево крило, тој разговараше со тренерот на Баерн, Јулијан Нагелсман, за да се увери дека двајцата се на иста линија. Флик знае и дека не може само да се потпре на способноста на напаѓачите и оти треба да биде конкретен со инструкциите. Против Ерменија и Исланд, Сане играше блиску до аут-линијата, беше поизолиран, за да може да се најде во ситуација еден на еден, што е неговиот најголем квалитет. Во меѓувреме, Серж Гнабри играше по десната страна и имаше многу директни акции кон голот, што резултира со три погодока. Германија има група етаблирани играчи за напаѓачките улоги во формацијата 4-2-3-1 на Флик, а следната генерација е веќе на работ да се пробие. Зад Сане, Гнабри, Марко Ројс и Томас Милер има екстра таленти како Џамал Мусиала од Баерн, Флоријан Вирц од Баер и Каи Хаверц од Челси. Тие, најверојатно, ќе ја предводат Германија во вториот дел од оваа деценија. Со Карим Адејеми, кој во моментов игра за Салцбург, Германија може повторно да има вистинска деветка, по неколкуте години кога во таа улога беа офанзивни играчи од средниот ред, пишува „Би-би-си“.
Comments