top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Како Федерер и Ѓоковиќ меѓусебно се подобруваат со ривалството

18.12.2020 Декември петок

ТЕНИС

И покрај тоа што 50 пати се соочиле во едно од најплодните ривалства во спортот, Роже Федерер и Новак Ѓоковиќ продолжуваат да наоѓаат нови начини меѓусебно да се мотивираат за одење на повисоко ниво и притоа да ги одушевуваат љубителите на тенисот, пишува на интернет-страницата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Бидејќи се соочиле многупати на најголемите сцени во изминатите 14 години, тешко е да се најдат двајца играчи што толку добро ја знаат играта на другиот како Ѓоковиќ и Федерер. Нивните 50 дуели го прават тоа ривалство на АТП второ најмногубројно во отворената ера, заостанувајќи само шест меча (56) зад ривалството помеѓу Ѓоковиќ и Рафаел Надал, пишува АТП. – Со него играв толку многу возбудливи натпревари низ годиниве. Секој пат кога ќе стапнам на теренот против него е возбудливо, како да го надминува тој натпревар. Тоа го надминува спортот – вели Ѓоковиќ. Дел од она што го прави дуелот Ѓоковиќ – Федерер толку возбудлив е тоа што тие се сретнале во полуфинале или во финале на гранслем-турнири, АТП-мастерси од серијата 1.000 и во АТП-финале во 18 од претходните 20 меча. И секогаш кога се сретнале, секој дуел ги принудувал сегашниот и поранешниот рекет број еден во светот да го дадат најдоброто од себе и да ги надминат своите граници. Двајцата шампиони се олицетворение на различни стилови на игра. Нивните средби се еднакво возбудливи на секаков тениски терен.

– Новак очигледно дека може да игра одлично на сите површини. Тој секогаш носи одредено ниво на игра, што е исклучително високо, така што за да го победите мора да бидете најдобри. Тој одлично се движи, јас имам одлична координација, така што добро се дополнуваме еден со друг – вели Федерер. Можеби нивниот најнезаборавен неодамнешен меч, Ѓоковиќ го истакна финалето на Вимблдон во 2019 година како не само еден од најдобрите дуели во нивното ривалство туку и еден од најдобрите во неговата играчка кариера. – Веројатно тоа финале со Федерер е во врвните два-три најдобри натпревари што некогаш сум ги играл. Веројатно најдобар, највозбудлив, најсложен физички и психички од секој аспект, натпревар што некогаш сум го играл – вели Ѓоковиќ, пренесува АТП. Ѓоковиќ мораше да одбрани две меч-топки на централниот терен за да ја одбрани титулата во епскиот дуел во пет сета, триумфирајќи по маратонот со 7-6, 1-6, 7-6, 4-6, 13-12, во меч што траеше четири часа и 54 минути и е најдолгото финале во историјата на Вимблдон. – Ќе се свртите назад и ги цените борбата и видот на натпреварот. Не можете секогаш да бидете дел од ваков меч, па кога ќе дојде, мора да ги цените – изјави Федерер по финалето во Вимблдон.

Ѓоковиќ и Федерер се сретнале двапати по тоа финале на Вимблдон. Федерер победи на финалниот турнир на АТП лани, а Ѓоковиќ му возврати во полуфиналето на Австралија опен во 2020 година за зголемување на водството во меѓусебните дуели на 27-23, пишува АТП. Ниту Ѓоковиќ (33), ниту Федерер (39) не покажуваат знаци на запирање, и двајцата се меѓу врвните пет на АТП-листата, a нивното легендарно ривалство продолжува да ги радува гледачите. – Мислам дека ривалствата се многу значајни во спортот, а со тоа и играта ја прави попопуларна. Секогаш треба да има некој со кој можеш да имаш добро ривалство. Со мене… и со Ѓоковиќ, му благодарам на бог што ги имав… мислам дека го извлекуваме најдоброто еден од друг – вели Федерер, пренесе АТП.


0 views

Comments


bottom of page