Како се прави распоредот на мечевите во Премиер-лигата?
ФУДБАЛ
Раниот почеток на сезоната значи дека наидовме на повеќе барања од клубовите од вообичаено. Не можете да ги задоволите сите, вели Томпсон, кој работи за меѓународна компанија за ИТ-услуги што ја користи Премиер-лигата
Клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига поднеле барања повеќе од вообичаено пред ждрепката за сезоната 2022/2023, вели составувачот на распоредот на мечевите, објави британскиот весник „Индепендент“. Сезоната, која почнува порано од обично, на 6 август, ќе паузира помеѓу 13 ноември и 26 декември поради Светското првенство во Катар. Глен Томпсон, одговорен за составување на двојките, кој работи за меѓународна компанија за ИТ-услуги што ја користи Премиер-лигата, работи на средбите за следната сезона од почетокот на годината, за првите четири дивизии. Клубовите биле поканети да испратат барања, како, на пример, да се игра дома на одреден датум…
– Раниот почеток на сезоната значи дека наидовме на повеќе барања од клубовите од вообичаено. Различните датуми на почеток, пауза и крај меѓу лигите, исто така, предизвикаа неколку проблеми. Не можете да ги задоволите сите. Има 2.036 меча во период од девет месеци, а идеалното решение е да се осигуриме дека сите тие можат да се играат кога ќе бидат закажани. Ако има проблеми за некој клуб една година, обидете се да го земете тоа предвид следната година. Се обидувате да осигурите дека ако има непожелен сет мечеви, тие да не го добијат тоа во две сезони по ред – рече тој.
Има некои правила што секогаш ќе се почитуваат. – Клубот никогаш нема да ја почне или да ја заврши сезоната со две средби дома или две на гости, бидејќи би било неправедно еден тим да ја заврши сезоната со две гостувања. Се обидуваме и да одржиме саботен редослед дома – гости во текот на сезоната секогаш кога е можно, гледаме дали има клубови од истата област што патуваат со исти линии на возови низ фудбалската лига и Премиер-лигата во ист ден, му кажуваме на компјутерот да се обиде да го минимизира патувањето на Боксинг деј или за Нова година – вели Томпсон.
„Големата шестка“ беше одвоена непосредно пред СП, по барање на селекторот Герет Саутгејт, Челси и Ливерпул ќе играат на 17 септември, пред меѓународната пауза пред СП, Манчестер сити има четири меча дома пред дуелите од ЛШ, Ливерпул и Челси по три, Тотенхем два, манчестерските дерби-мечеви се на 1 октомври и на 14 јануари, дуелите Манчестер сити – Ливерпул се на 15 октомври и на 1 април…, пишува „Би-би-си“. Двојки, прво коло: Кристал палас – Арсенал, Бурнмаут – Астон вила, Евертон – Челси, Фулам – Ливерпул, Лидс – Вулверхемптон, Лестер – Брентфорд, Њукасл – Нотингем форест, Тотенхем – Саутемптон, Манчестер ј. – Брајтон, Вест Хем – Манчестер с.
Comments