Како менаџер, секогаш сте обврзан да победувате на мечевите
ФУДБАЛ – МАРСЕЛО БИЕЛСА, МЕНАЏЕР НА ЛИДС
Менаџерот на Лидс, Аргентинецот Марсело Биелса, во ексклузивното интервју за „Скај спорт“ говори за надминување на предизвиците сезонава во англиската фудбалска Премиер-лига и зошто верува дека подобрите резултати допрва доаѓаат. Лидс во првите 10 првенствени кола забележа две победи. – Како менаџер, секогаш сте обврзан да победувате на натпреварите. Ние во моментов не сме во таква ситуација. Во оваа лига, во овој клуб и во оваа институција, притисокот секогаш постои. Секогаш гледам во табелата, ги анализирам позицијата и перформансите по завршувањето на секој меч. Остануваат уште три четвртини од сезоната, така што не можам сега да оценам дали сме во неволја, но јасно е дека досегашните резултати не ни даваат некакви гаранции – вели Биелса. Се поставува прашањето дали на Лидс му недостига физичката подготвеност од минатата сезона? На мечот со Вулверхемптон (1-1), Лидс не се предаде, играше максимално борбено и израмни во судиското продолжение, што се чинеше како повеќе од бод за избраниците на Биелса. На гостувањето во Саутемптон играчите истрчаа вкупно 107,41 км, а домашните фудбалери 110,66 км, три километри повеќе и првпат откако се врати во Премиер-лигата противникот претрча повеќе километри од Лидс.
Способноста на Лидс физички да доминира над повеќето тимови е една од неговите предности, но менаџерот работи „ноќ и ден“ на некои други елементи за да обезбеди подобри резултати. – Враќањето на топката во наш посед високо на теренот, на противничката половина, е витална компонента од нашата игра и секогаш сакаме да го правиме тоа. Да се биде агресивен на овој начин е од фундаментално значење за тоа како играме. Подготовката е идентична за секој меч. Противниците со кои се соочувате се различни, но не го сменив начинот на кој се обидувам да победувам на средбите. Сите критики во јавноста за игрите на мојот тим, ги отфрлам – вели Биелса.
Фокусот во минатите две недели за Биелса беше да ги убеди своите играчи дека можат да се вратат во формата од минатата сезона. Добрата вест е дека Рафиња ја надмина повредата од мечот со Вулверхемтон, кога од стадионот си замина со патерици. – Правилата постојат за да се заштитат играчите. Тие со поголема имагинација и со контрола на топката, како Рафиња, кои имаат капацитет да играат со таква рамнотежа, очигледно се цел на дефанзивците и единствената заштита доаѓа од правилата и од судиите. Повредата на Рафиња можеше да биде многу полоша, но, за среќа, тој помина добро – вели Биелса.
Comments