Како купува и што подарува кралицата Елизабета
Новогодишните и божиќните празници се време кога купуваме и подаруваме помали или поголеми подароци на нашите најблиски. Сте се прашале ли како кралевите и кралиците одат на новогодишен шопинг, бидејќи и тие сакаат да ги усреќат оние за кои се грижат. Најпопуларната кралица на светот Елизабета не посетува трговски центри, трговските центри доаѓаат кај неа дома. Куп каталози наредени на масата во дневната соба, импровизирана продавница поставена во една од собите на замокот во Виндзор и британската кралица Елизабета е подготвена да избере подароци за своето пошироко семејство. Cписокот на кралицата има повеќе од 600 примачи на подароци кој го составува нејзиниот личен секретар Сер Едвард Јанг.
Во интервју за британскиот магазин „Клосер“, поранешниот батлер во служба на кралицата Пол Барел, а сега коментатор на настаните поврзани со монархијата, го објасни начинот на пазарење на Елизабета. Тој ракажува како продавниците со „кралска гаранција“ на кралицата и испраќаат специјално печатени каталози, а филијала на познатата стоковна куќа „Џон Луис“ од улицата „Оксфорд“ во Лондон поставува еден вид импровизирана продавница во аголот на резиденцијата, со сите производи што таа би ги сакала.
– Продавницата се поставува во една од салоните на замокот, малку користена дневна соба, која кралицата може да ја посети кога и одговара. Тоа обично го прави по вечерата, околу десет навечер, кога е ослободена од обврските и може лежерно да погледне. Не сака да ја вознемируваат додека избира – прецизира Пол Барел.
Барел вели дека кралицата секогаш избира многу практични подароци кои можат да се користат, притоа избегнувајќи украсни предмети и оние кои немаат цел. – Таа може да избере чинии за пикник, на пример, понекогаш чаршав, или пар кујнски крпи, открива поранешниот батлер на кралицата Елизабета.
Comments