Какви тајни кријат и што ги поврзува Мис Стон, Сталин, Крлежа и Колишевски…?
„Во вкупниот фонд на современата македонска проза книгата раскази ‘Прстен и парфем’ е само едно камче во богатиот мозаик што сме биле и што сме правеле за да се потврди на најдобар начин нашиот македонски идентитет. Тоа е сето доволно раскажано и покажано со сите емоции кај личностите во расказите, но и со сечија порака и завет дека на македонскиот историски простор се случувале големи историски неправди, а жртва биле малите луѓе од Македонија. Ова е за првпат обид, за нас Македонците да зборуваат дојденци по различни поводи и со различни задачи…“, вели за весникот ВЕЧЕР, писателот Мишо Китаноски, автор на збирката раскази “Прстен и парфем“
Најновата книга, поточно збирка раскази на познатиот македонски писател Мишо Китаноски „Прстен и парфем“, во издание на Арс Либрис, предизвика голем интерес кај македонските читатели. Таа е поделена на два дела, каде што во првиот се објавени седум раскази и тоа “Прстенот на Мис Елен Стон“, „Стрелањето на Мирослав Крлежа“, „Срцето на докторот Арчибалд Рајс“, но и „Парфемот на Сара Бернар“, „Револверот на Мара Бунева“, „Мојот татко другарот Сталин“ и последниот расказ е „Козите на Лазар Колишевски“. Во вториот дел од книгата поместен е еден подолг расказ, насловен „Истрагата ја води Агата Кристи“, со пролог од дневникот на славната писателка и со епилог “бев на лекување кај славниот и познат уважен професор Зигмунд Фројд“. Интригантна, пред сè, оваа книга ги оддава непознатите тајни за познатите личности кои на ова македонско тло оставиле трага со своето присуство. Токму затоа го прашавме авторот самиот да ни каже нешто повеќе за неговата книга.
Тајни што бараат вистински одговори
Во книгата вели авторот, сите личности се автентични, а настаните во кои тие учествуваат се исполнети со многу тајни што бараат вистински одговори. Во подолгиот расказ во вториот дел збор станува за една трагедија што се случила пред повеќе години во Скопје. Авторот всушност во расказите ги има дадено сите одговори што се поставени и што предизвикуваат и бараат одговор во претходното напишано. Што ја натерало Мис Стон да го подари мајчиниот прстен, како се спасил од стрелање Мирослав Крлежа и зошто доктор Арчибалд Рајс посакал неговото срце да почива на Кајмакчалан? Како стигнала Сара Бернар да им пее на македонските војници пред да тргнат на солунскиот фронт и да го заземат Солун, што ја спречувало Мара Бунева да го повлече чкрапецот и да убие? Чудно е како сталинизмот бил поразен на писмена работа по мајчин јазик од едно наше дете и дали со козите на Лазар Колишевски почнало иселувањето од македонското село. Затоа, многу зошто и многу како, но доволно за задоволување на страста за читање, ќе најдат сите оние што ќе ја имаат „Прстен и парфем.
„Во книгата ни се откриваат многу непознати нешта за личностите споменати во расказите, а кои вистински постоеле и оставиле трага. И настаните во кои учествувале се делумно автентично пренесени, затоа што се и одиграле на македонскиот географски простор, а литературниот наратив е фундиран врз определбата дека пишувачот не треба да раскажува туку напротив, само треба да кажува“, вели Китаноски.
Неговото кажување пак, открива еден чудесен литературен свет што се протега во овие осум раскази, приказни и во времетраење од речиси еден век. Книгата не ја коригира историјата, туку напротив животот и расказот тоа го прават на најдобар начин, зашто од нив и во нив, избива македонскиот дел од колективната трагедија, а тоа ќе рече дека авторот Китаноски се обидел времето и личностите од цел еден век да ги распредели со нивната судбина за да го покријат трагичниот настан од војна до војна пошироко. Авторот не ја коригира историјата туку само ја допишува нејзината втора страница во која и за која отсекогаш македонскиот народ страдал и се жртвувал.
Што сме биле и што сме правеле?
Во вкупниот фонд на современата македонска проза, книгата раскази „Прстен и парфем“, како што вели Китаноски, „е само едно камче во богатиот мозаик што сме биле и што сме правеле за да се потврди на најдобар начин нашиот македонски идентитет“.
„Тоа е сето доволно раскажано и покажано со сите емоции кај личностите во расказите но и со сечија порака и завет дека на македонскиот историски простор се случувале големи историски неправди, а жртва биле малите луѓе од Македонија. Ова е за првпат обид, за нас Македонците да зборуваат дојденци по различни поводи и со различни задачи, а тоа се однесува на Мис Стон, на хрватскиот писател Крлежа, на швајцарскиот професор и разузнавач Арчибалд Рајс, на истакнатата актерка, пејачка и танчарка парижанката Сара Бернар, која го воодушевувала францускиот генерал Депере, што командувал со многуилјадната армија на македонскиот фронт. Но, исто така залогот што информбирото и Сталин го направија меѓу македонските кадри заслужува внимание, а примерот од педесетите години на минатиот век на информбирото и на Сталин да му се одговори со истите сталинистички методи насилното формирање на селските работни задруги, го започна за жал иселувањето, празнењето и опустошувањето на македонските села со уништувањето на козите. Зарем една таква грешка толку долгорочно и толку трагично ја чувствуваме најмногу сега во испразнетите села и во загриженоста за нашата бројност и опстанок…“, вели авторот.
Расказите не се тоа, туку според авторот тоа се приказни што до болка можат и ќе го трогнат читателот, но и ќе му ја разбрануваат внатрешната интимност дека сепак и покрај сите оставени пеплишта во нашиот живот, после секоја надеж има нова надеж. Збор станува за раскази во кои трепетат и чувството на задоволство и подеднакво на гнев, само ќе го поттикнат она што го очекуваме утре.
„Во моментов го доработувам ракописот на романот што е споменат во збирката раскази со наслов ’Глувонемиот’ и наскоро ќе го предадам кај издавачот. Во оваа прилика ве информирам дека за неколку раскази од збирката веќе е изразена подготвеност да бидат преведени на хрватски и бугарски јазик, а еден продуцент сака да сними краток игран филм. Во исто време работам на монографија посветена на вториот министер за правосудство на НРМ, Васил Калајџиски-Јаблански, кој беше суден и осуден, и испратен на камениот Голи Оток. Тоа е една тажна но интересна животна приказна за нашиот државен развој и за трајната определба дека избраниот демократски пат и независност биле остварен сон на безброј борци партизани и антифашисти“, вели за крај на разговорот Китаноски. (Д.Т.)
Comments