Кадетите атакуваат кон дивизија А
РАКОМЕТ – ЕХФ-ШАМПИОНАТ ВО СКОПЈЕ
Со денешниот меч против селекцијата на Грција, македонската машка кадетска ракометна репрезентација (ракометари до 19 години) ќе ја започне трката за пласман во повисок ранг на натпреварување, односно освојување на шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) од дивизијата Б, кој до 15 август ќе се игра во СП „Борис Трајковски“ во Скопје. – Нѐ очекува голем предизвик. Во почетокот на подготовките се соочивме со многу проблеми, имаше многу играчи во лоша кондиција, како и големи осцилации кај поединци во текот на подготовките и натпреварите, но сметам дека имавме доволно време да работиме на отстранување на овие недостатоци за што подобро да го дочекаме шампионатот. Сакаме младите категории да ги вратиме на големите натпреварувања, оти тоа е многу значајно за нив самите, но и за развој на македонскиот ракомет – вели македонскиот селектор Кирил Лазаров. На шампионатот во Скопје, Македонија ќе биде дел од групата А заедно со селекциите на Полска и на Грција, а за првата позиција во групата Б ќе играат Швајцарија, Украина, Грузија и БиХ. Најдобрите две селекции од двете групи ќе вкрстат во полуфиналните мечеви, а победникот од финалето ќе обезбеди пласман во дивизијата А.
Kommentare