ИФДТ „Игор Маџиров“ 2023: Гран-при за „Момчето со куферот“ на Мал театар „Душко Радовиќ” од Србија
„Момчето со куферот“, во режија на Дамјан Кецојевиќ, и во изведба на Мал театар „Душко Радовиќ” од Белград, Србија, е добитник на највисоката Гран-при награда на второ издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ 2023, кој од 27 до 30 септември се одржа во Скопје. Ова признание е добиено во конкуренција од осум исклучително квалитетни театарски претстави од повеќе држави.
„Оваа возбудлива драмска приказна со актуелна содржина и сценски јазик и еруптивна актерска енергија, остава силен впечаток на сите генерации“, стои во одлуката на жири-комисијата предводена од претседателот Тин Грабнар, режисер од Словенија и членовите, театрологот Миливоје Млаѓеновиќ од Србија и актерот Драган Довлев.
Оваа претстава се закити и со повеќе други признанија, па така наградата за најдобра режија ја доби Дамјан Кецојевиќ, додека најдобри актерски остварувања имаа Јелена Илиќ и Недим Незировиќ од „Момчето со куферот“.
Во рамките на фестивалот е доделена и наградата за најдобра костимографија која отиде во рацете на Маја Мирковиќ од истата претстава.
Наградата за најдобра сценографија годинава е доделена на претставата „Шумата од песни“ во режија на Петер Кус, а во изведба на „Кускус“ институтот, Арт продукција од Љубљана, Словенија. И специјалната награда за музика од жири-комисијата отиде во рацете на Петер Кус“.
Жирито додели уште две специјални награди за севкупност на естетскиот израз и тоа на претставата „Бамби“ во режија на Јакуб Максимов, а во изведба на Театарот за деца и млади од Крагуевац, Србија, Втората специјална награда која се доделува за имагинативно куклено мислење беше наменето за претставата „ERROR 404“, во режија на Вагнер и Хулио Гало, а во изведба на театарот „Анхелес де трапо“ од Малага, Шпанија.
Со оглед дека првпат годинава беше формирано и детско жири, кое имаше улога да одлучува за претстава што најмногу ќе им се допадне, беше доделена и наградата за најдобра претстава од нејзините членови: Тара Поповска, Уна Силјановска, Теофил Сачкарски, Неда Блажевска, Саша Димитриевска, Максим Ѓорѓиевски. Според нив, најдобра претстава на фестивалот е „Момчето со куферот“ во режија на Дамјан Кецоејевиќ, а во изведба на Мал театар „Душко Радовиќ“ од Белград, Србија.
Фестивалот годинава се одржа од 27 до 30 септември, под покровителство на Претседателот на РС Македонија и со финансиска поддршка од Министерството за култура.
Comments